Infinite Menus, Copyright 2006, OpenCube Inc. All Rights Reserved.
Гробишта и сеништа

КАКО ДА ЈА РАЗБИРАМ ИСТОРИЈАТА?

Стефан Влахов-Мицов

Од древноста до денес авторитетот и моќта на државите биле поврзувани не со духовните вредности и придонесите на полето на културата, уметноста, науката, туку со нивната воена сила и територијалните освојувања. Во познатата историја на човештвото воените скалила и конфликти имаат определена улога. Според Н. Кузен само во последните 3.600 години се воделе околу 14.500 војни. Затоа и учебниците по историја во голем степен претставуваат воени кандидатски листи со педантно обележени победи и порази. За државните историчари смислата и содржината на војните немаат значење. Важни се „нашите победи“ - реални или измислени, да бидат што повеќе. За да се прекинат тие постојани производни тенденции треба да се промени гледната точка кон историјата. Не со подметнување или премолчување на фактите, туку да се промени односот кон нив. На почетокот на 21 век во Шведска и во Финска беа организирани меѓународни конференции што ги толкуваа односите кон историјата. Првата, под покровителство на УНЕСКО, имаше директна порака: „Да ја разоружиме историјата“. Втората ја надополнуваше со мотото: „Што е свето?“. Очигледно, светоста нема допирни точки со агресивноста, освојувачките походи, разурнувањата. Бидејќи тие се приоритети на државите не е доволно со формално закројување да биде променет државниот „чип“, модел, доктрина, вредностите. Односот кон загинатите во војните е критериум доколку „чипот“ на една држава соодветствува на цивилизациските потреби на новото време. Во досегашната варијанта државите многукратно ги убиваа своите граѓани. Прво користејќи ги како топовско месо за освојувачките амбиции. Потоа во периодичните химни на хероизмот на мртвите, мобилизираа нови кандидати за мртовци и за „херои“. Упорните барања од бугарските државни власти за возобновување на бугарските воени гробишта на територијата на Р. Македонија немаат ништо заедничко ниту со добрососедските односи, ниту со цивилизациски потфат кон самите мртви војници. Очигледен е фактот дека бугарската пропаганда се потпира на аргументи од Женевската конвенција за водење војни од 1948 г. Според неа, една држава има право да одржува гробишта на територија на друга држава, независно од каузата на војната. А, дека Бугарија води освојувачки војни во периодот 1913 - 1918 г. е надвор од секакво сомневање. Женевската конвенција дава прво да се возобновуваат гробишта, но не и да се произведува јазикот на војната како резултат на кој се појавиле тие гробишта. А, бугарските институции сакаат да го постигнат токму тоа. Како? Прво. Според бугарскиот Централен воен архив, на територијата на Македонија има 471 бугарски гробје со 18.000 погребани војници. Само што денешната бугарска политика се интересира токму за паметниците од времето на Втората балканска и на Првата светска војна, во која Бугарија е призната како агресор. Притоа, видете ги конкретните пропагатори на тие акции: антимакедонската агенција „Фокус“, европратениците Кирилов и Младенов, кои настојуваат во македонските учебници по историја бугарските војски да бидат карактеризирани не како окупатори туку како ослободители, крајни националисти како Каракачанов и Б. Димитров. Што ќе рече луѓе што неодамна организираа кампањи со дезинформации во врска со, речи ги, „уништуваните“ бугарски гробишта во битолската епархија. Второ. Стремежот за негирање на бугарската завојувачка политика во Втората балканска и во Првата светска војна. Во новоизлезениот том 3 од обемната „Историја на Бугарите“, кој го вклучува периодот од последните сто години, во врска со војната во 1912 - 1918 г. авторите пишуваат; „При нивното разгледување е отфрлено старото научно гледиште за т.н. завојувачки цели на споменатите војни бидејќи е прифатено современото гледиште како за војни за обединување кон татковината на другите бугарски земји под туѓа власт“. Ете како шовинизмот во „демократска“ Бугарија го надминува тој од времето на Живковата диктатура. Па, дури и од периодот пред 1944 г. Всушност, најдобро искажана оцена за освојувачките војни на Бугарија даваат самите бугарски граѓани со масовното спротивставување на таквите, кои ги водат и до Војничкото востание од 1918 г. Не помалку категорични се и изнесените судски пресуди над виновниците за двете бугарски национални катастрофи. Посоченото „научно“ завртување од 180 степени не зачудува ако се има предвид фактот дека денешното бугарско општествено мислење ги толкува како синоними изразите „ослободување“ и „присоединување“. Станува збор за психолошка деформација методски создавана од бугарската пропаганда во текот на повеќе од еден век. Инаку, во Бугарскиот синонимен речник изразот „присоединување“ е соодветен не со „ослободување“ туку со „анексија“, „окупација“, „заземање“. Во таа смисла, амбициите на Бугарија за присоединување на Македонија немаат ништо заедничко со „ослободување“. Очигледно е дека Бугарите се особено чувствителни кон обидите ослободителката Русија да им диктира услови за пријателство. Да не зборувам за присоединување кон неа. Во однос на Македонија, таа чувствителност, значи, е со спротивен знак. Не пријателството туку освојувањето, анексијата, присоединувањата се престоруваат во единствена бугарска цел. Трето. Амбициите на бугарската државна политика не се само за поддршка на воени гробишта во Р. Македонија. Кон крајот на 2006 г. бугарскиот претседател Прванов ги посети обновените воени гробишта во Ново Село, Струмичко, во кои се погребани 71 војник. Но, денешните бугарски барања принципиелно се поинакви “ поставувањето споменик на полк. Каварналиев и на Фердинандовата спомен-чешма. И двата се во близина на Дојран. Со што е познат Каварналиев? За време на Втората балканска војна, во која Бугарија ги напаѓа своите сојузници, тој загинал во судир со грчките војски. Претходниот ден “ на 22 јуни 1918 г. ги испраќа зад грб своите проклетства со зборовите: „поручнику, тргни по патот за Софија и ако сретнеш барем еден бугарски војник, испрати ми го за да го фрлам во бој“. Каварналиев е од Шумен, град во североисточна Бугарија. Т. е. не е некој Македонец заведен од бугарската пропаганда, па да ја ослободува својата татковина. Тој е осознаен агресор, притоа и фанатичен. Заради „Голема Бугарија“ ги праќа во смрт сите свои војници. На денешните националисти, исто така, не им е грижа за загинатите. Бараат споменик на полковникот (посмртно унапреден во генерал) како симбол на големобугарскиот шовинизам. Ист карактер има и претензијата за чешмата на Фердинанд, кој си беше порачал златна кочија за да влезе во Цариград. Бугарската пропаганда постојано шпекулира со фактот дека жртви од војната биле 330.000 луѓе. Но, не обелоденува и не говори дека сите тие луѓе, загинати во цветот на сопствената сила, можеа да изградат една нормална Бугарија. Ако не војуваа, не убива и по редот на нештата не беа убивани од соседите. Затоа на бугарските (но, исто така, и на грчките, српските, германските, француските, англиските итн.) војнички гробови не треба да ечат зборови што го слават нивниот хероизам. Бидејќи да го славиш хероизмот на туѓи територии значи дека ја оправдуваш и ја воскреснуваш државната освојувачка доктрина. Потребна е нешто друго - зборови за извинување за бесмислено одземаниот живот, прифаќање вина и државни гаранции, дека такви трагедии нема да се случат во иднина. Четврто. Доказ дека акцијата поврзана со бугарските гробишта во Р. Македонија има и пропагандно-политички, а не чисто хуманитарен карактер е и состојбата на гробиштата во самата Бугарија. По тој повод пред некое време беше организирана специјална конференција на која поранешниот шеф на парламентот проф. Огњан Герџиков изјави: „Постојат два критериума за оценување на културата на една нација- државните нужници и состојбата на гробиштата“. Не само надгробните споменици на воените лица, туку и на цивилните бугарски граѓани се во очајна состојба. А, централните софиски гробишта се најлошите во државата. Од таа тажна традиција не се исклучок ниту гробовите на познатите Бугари. Не е чудно ако го земам предвид карактерот на Бугарите и отсуството на вистинска почит кон предците. Таквата почит се „буди“ едвај кога бугарскиот државен национализам ќе се почувствува загрозен. Еве еден куриозитет. Посмртните останки на големиот Македонец Крсте Мисирков се на централните софиски гробишта. Со децении управата на гробиштата и бугарските власти воопшто не водат грижа за неговиот гроб, макар што го бројат за „Бугарин“. А. кога бил жив правеле се што е возможно за да го напушти побрзо белиот свет. Повеќекратните обиди на македонската амбасада во Софија да добие информации за местото на кое е гробот на Мисирков наидуваа на скриено спротивставување. Еднаш ни рекоа дека архивата на гробиштата од пред 1930 година була уништена, другпат вртеа нешто друго. Најнакрај еден од потомците на Мисирков се охрабри да го издаде местото на „тајниот“ гроб. И на 20 мај 2006 г. група македонски писатели, предводени од академик Гане Тодоровски, која гостуваше во Софија по повод едногодишното функционирање на Македонскиот културно-информативен центар, успеа да му оддаде почит на македонскиот титан и маченик. Маченик и по својата смрт “ го има предвид гробот обраснат во плевел. На крајот на истата 2006 г. значи, еден ден пред посетата на високата македонска делегација, која сакаше да положи венец на Мисирковиот гроб, тој се покажа исчистен, поправен и дури и убаво оформен со ситни камчиња. Светнат, чиниш Каракачановци го излижале со јазиците. Во исто време, бугарските електронски сајтови беа преполни со нови „докази“ за Мисирковата „ бугарштина“. Ете зашто за да биде разоружена историјата треба да се ослободиме од сите минати и денешни рецидиви поврзани со јазикот на омразата, на агресијата, на шовинизмот во сите негови пројави. Поинаку речено, државниот организам да ја смени својата суштина. Што значи, граѓаните да ги превоспитаат и хуманизираат своите држави. Почнувајќи од самите себе.

Врати се на претходната страница   Врати се горе