Infinite Menus, Copyright 2006, OpenCube Inc. All Rights Reserved.
Извештајот на ЕК за визната либерализација

ЗА МАКЕДОНИЈА - ОДЛИЧНА ОЦЕНКА ЗА ЧОВЕКОВИ ПРАВА

(Преземено од МИМ)

Се проценува дека според оценките што ги доби земјава, две петки и две четворки, треба да следи одлука за укинување на визите за македонските граѓани. Сепак, во предвид, треба да се има фактот дека кај Европската унија, која и покрај тоа што инсистира на исполнување на критериумите, на крајот кога ја носи одлуката доминира политиката и интересите.
Од четири области во кои Македонија беше оценувана за исполнување на условите за визна либерализација, доби две петки и две четворки. Во интерниот документ од Европската комисија кој се разгледува во земјите-членки на ЕУ, земјава доби петки за безбедност на личните документи и за почитување на основните човекови права, кој ги опфаќа и мерките за антидискриминација. Со четворка беше оценета за сработеното во две области, една што се однесува на реадмисија, нелегална миграција, системот за интегрирано гранично управување, и друга што се однесува на јавниот ред и мир.
За разлика од останатите земји од западниот Балкан кои имаат оценки како единици, двојки и тројки, Македонија е земја која ги има исполнето условите и единствена има добиено високи оценки.
Познавачите на приликите толкуваат дека реално ако се оценува што е постигнато нема дилеми дека Македонија треба да добие препорака за укинување на визите. Тие потсетуваат дека и земји-членки на ЕУ се справуваат со организираниот криминал, немаат биометриски пасоши, а и за нив се услов. Затоа се укажува дека двете четворки воопшто не се пречка да се препорача одлука за укинувањ на визите.
Но, фактот дека на крај одлуката е политичка - останува. Оттука се укажува дека се можни три сценарија за визно ослободување на земјите од регионот. Првото, укинување на визите само за Македонија, второто е на “белата шенген листа” да се најде и Црна Гора, а третото, земјава да мора да ја чека и Србија.
Земјите од Европската унија најмногу стравуваат од ситуацијата во Србија. Загриженоста се јавува поради фактот што кога земјата ќе добие визна либерализација, ќе значи влегување со српскиот пасош во Унијата и на косовските Албанци, како и граѓаните на Република Српска, кои од порано се имаат изборено за правото за двојно државјанство.

Босна и Херцеговина и Албанија засега немаат никакви шанси за визна либерализација. Извештајот на Европската комисија, кој во оваа фаза не содржи предлог за укинување на визите, веќе е доставен до земјите-членки на Унијата, како и до Чешка која претседава со Унијата. Чешките претставници информираат дека консултациите меѓу членките на ЕУ се во тек. Од нивното мислење и времетраењето на консултациите ќе зависи дали Европската комисија во јуни ќе даде предлог за укинување на визите за Македонија. Одлуката за тоа дали ќе има препорака за визите можно е да следи по министерскиот совет закажан 25 мај. Според процедурата за одлучување за ваков вид на прашања по препораката на ЕК, мислење дава Европскиот парламент, а одлуката за укинување на визите се носи со квалификувано мнозинство и ја носи Европскиот совет. Македонија очекува, врз основа на своите постигнувања и оценките од ЕК, одлуката за симнување на шенгенската бариера за македонските граѓани да почне да се применува од почетокот на 2010 година.

ГРУЕВСКИ:
ОДЛИЧНО ЈА ЗАВРШИВМЕ РАБОТАТА ЗА ВИЗИТЕ

Резултатите од сите оценки, мисии од Брисел и извештајот на ЕК покажуваат дека Владата не само што ја завршила работата, туку одлично ја завршила работата и таа информација од Брисел силно не охрабрува и понатаму да продолжиме да работиме, изјави премиерот Никола Груевски, додавајќи “среќни сме што добивме една валоризација на нашиот труд од страна на Брисел и среќни сме што со тоа македонските граѓани од 1 јануари практично ќе патуваат без визи: “Премиерот посочи дека одлуката за укинување на визите многу ќе им помогне на луѓето за правење бизнис, студирање, некогаш за здравствени проблеми. Наш интерес е што побрзо граѓаните да се ослободат и да одат да споредуваат да видат кои се проблемите во другите земји, кои се предностите. Не посакуваме граѓаните да бидат затворени во гето и некој да манипулира со нив. Што повеќе излегуваат, што повеќе гледаат како се движи напредниот свет за нас е подобро, затоа што тоа ќе создава еден позитивен притисок врз надлежните за убави работи, рече Груевски.

Врати се на претходната страница   Врати се горе