Infinite Menus, Copyright 2006, OpenCube Inc. All Rights Reserved.
ИСТОРИСКАТА ВИСТИНА ДА СЕ УТВРДИ ЗАЕДНИЧКИ И СО НАУЧНИ АРГУМЕНТИ

ВО ЗАЧЛЕНУВАЊЕТО НА МАКЕДОНИJА ВО ЕУ И НАТО ЛЕЖИ ИДНИНАТА НА БАЛКАНОТ

ЈАН ПИРИНСКИ

И денес, кога веќе го имаме пречекорено прагот на ХХl век, на Балканот сеуште остануваат старите тревоги на несигурноста. Напоредно со другите нерешени проблеми е и тоа што соседите на Македонија не прекинуваат со своите алчни амбиции да ја преземат и завладеат. Најбесни во своите аспирации кон неа се Грција и Бугарија. Можно ли е овие стари непријателства да бидат отстранети засекогаш?

Убеден сум дека кога се има желба кај сите држави да се поправат некои актуелни, а во случајот со Грција и Бугарија и многу болни прашања, секојпат може да се најде разумен излез. Многу благопријатни ќе станат, на пример, политичките услови за решавање на некои спорови меѓу земјите ако Република Македонија стане членка на Европската унија и НАТО. Тогаш во дискусии на рамноправна основа и со чувство на заемна почит меѓу себе позитивните резултати ќе бидат максимално сигурни. Еве зошто Република Македонија треба да биде примена во европската заедница. Уште повеќе, кога таа ги има решено некои многу тешки проблеми, кои сеуште стојат дури и пред земји кои се членки на унијата. Како на пример Грција и Бугарија кои не ги почитуваат и не ги признаваат човековите права и слободи на своите граѓани од различна национална припадност.
Поради потребата од решавање на исклучително сериозните и важни проблеми на закараните земји, кои директно влијаат врз гарантирањето на политичката стабилност во регионот, се наметнува потребата да се создаде специјална комисија или колектив од научници, кои научно би го разјасниле историското минато на тие земји. На таквите актуелни научни средби, на кои спокојно и компететно ќе може да се дискутира, можат да бидат поканети и научници од други држави во регионот и пошироко од Европа. Но во научните дискусиии не треба да биде допуштено никакво влијание на државници и политичари. Бидејќи токму тие, политичарите и државниците,ги создадоа и оставија овие рани од минатото да крварат, а и денес роварат во нив предизвикувај и нови конфликти и војни.
Мислам дека местото на политичарите и државниците е во денешниот ден, во кој со чисти помисли и раце би ја подготвиле иднината на своите народи. Тие треба да се навраќаат кон минатото само колку да извадат поуки од него, но не и да ги распалуваат незагаснатите жарчиња на омразата, аспирациите и мегаломанијата. Нека историчарите и други научници ѕирнат во темнината на минатото, да ја осветлат, колку да се знае кои сме, од каде доаѓаме и до каде сакаме да стигнеме. Важното е заедно да чекориме кон еден заеднички и разумен соживот.
На овие научни дискусии, секоја од земјите ќе ги претстави своите научни факти и аргументи. Ова е најрационалната метода за навистина да се постигне општ, научно заснован и јасен став, кој ќе ја гарантира нашата мирна иднина и прогресивен развој.
На таков начин ќе се решат засекогаш останатите од минатото тешки недоразбирања, кои со години ги трујат нашите добрососедски односи. Кога и трите држави ќе бидат членки на Европската унија и на НАТО, тие ќе ја имаат готовноста и обврската да работат заеднички по сите прашања, кои ги засегаат виталните сеопшти европски интереси.
Ние од редакцијата на весникот „Народна волја“ први ќе ги поздравиме иницијаторите на слична научна дискусија по спорните прашања од историското минато на народите на Балканот. Меѓу нив и научни дискусии и анализи за историското минато на Македонија и македонскиот национален идентитет; за историјата на Грција и грчкиот национален идентитет; за претензиите кон античка Македониjа; за историјата на Бугарија и бугарскиот национален идентитет, тврдењата за бугарски карактер на Македонија и нејзиното население низ вековите до денес, за карактерот и дејноста на бугарскиот окупациски корпус, за Бугарската екзархија и бугарската политика во Македонија во последните 120 години како целост...

Овие сеуште актуелни, поради политички причини, прашања ќе можат да најдат решение имено на такви научни средби, доколку политичарите запрат да се мешаат и да ги инструментализираат за дневнополитички цели. А ако тоа навистина стане, ќе претставува голем, исклучително голем историски успех и во научна и во политичка смисла на зборот. Ќе создаде атмосфера на политичка стабилност во регионот коjа би го гарантирала хармонизирањето на меѓусоседските односи, кое во суштина ќе значи создавање на реални услови за изградба на доверба, спокојство и вистински мир на Балканот.

Врати се на претходната страница   Врати се горе