Infinite Menus, Copyright 2006, OpenCube Inc. All Rights Reserved.
Тест за политичарите и за нациjата

ПРОПАГАНДАТА НА СОПСТВЕНАТА ПРОСТОТИЈА ВЕЌЕ СТАНУВА АГРЕСИЈА
Стефан Влахов-Мицов

Дамнешна традиција во Бугарија е во политиката да виреат луѓе што не се за ништо друго. Освен за партијци. Некои од нив стасаа и до премиерската фотелја. Дека бугарскиот синдром е заразен потврдува примерот со поранешниот македонски премиер Љубчо Георгиевски. Не случајно тој зеде и бугарски пасош. Изборот да бидеш конјунктурен или почитуван е лично право на секој. Само што пропагандата на сопствените слабости и простотија веќе станува агресија. Безумноста на историските теми што „новиот Бугарин“ Љ. Г. ги сее по македонскиот и бугарскиот печат (коишто на широко ги пренесуваат и десетина бугарски електронски сајтови) воопшто не заслужуваат внимание. За луѓе како него народот вели: „Кога стана калајџија, кога ти поцрни задникот?“. Статии како објавената во сп. „Фокус“ „Скопје пополнува 2. 000 г. дупки во својата историја“, којашто Љ. Г. ја препратил и на бугарската антимакедонска агенција „Фокус“, со уште поглупавиот наслов „Александар Македонски бил најголем бугарофил во македонската историја“, несомнено бараат цврсто спротивставување.
Бидејќи се поигрување со минатата и со денешната македонска историја и култура и со нејзиниот творец “македонскиот народ. И истовремено “ поигрување со илјадници домашни и странски истражувачи од 19 век до денес.
Уште во почетокот на својата статија Љ. Г. демонстрира мисловна анамнеза. Тврди дека „за време на последните две години преку медиумска кампања на Владата“ приврзаниците на античкото минато го надразнувале. Неколку редови подолу вели дека по минатогодишното грчко вето „Владата зазела агресивен курс за пропагирање на нашето потекло од древен род“. Во интервјуто во сп. „Фокус“, од пред еден месец, годините на пропагандата се зголемени на три. Типична политичка абракадабра!
Откажувањето „да го бараме македонското потекло во древна Македонија“ Љ. Г. го заснова прво на тоа дека во современата ситуација се загрозувале интересите на државата. Чиниш минатото на еден народ може да биде монета за поткусурување во една или во друга ситуација. А според ќефот на некој треба да ја коригираме сопствената историја. Тоа потсетува на приказната за зајакот, којшто за да им угоди на сите, си направил куќичка на тркала. Вториот и третиот аргумент на Љ. Г. се заемноповрзани. Со пропагандата на античкото минато „направивме карикатури од себе пред целата меѓународна јавност“. Бидејќи македонското минато „не се темели на никакви факти“. Според саркастичниот израз на Љ. Г. „внуците на Аминта“ работеле во четири насоки: дека целата бела раса плус две третини од американските претседатели произлегувале од „Македонците“, дека словенските народи имале македонски корен, дека Македонците немале ништо заедничко со Словените и дека целиот свет бил македонски. Содржината на зборовите на Љ. Г. нема никакво значење. Во случајот затоа што првата и четвртата „насока“ речиси му се преклопуваат, а втората и третата - заемно се исклучуваат. Полошо е што ги меша внуците на Аминта со внуците на Бај Гањо. Не во Р. Македонија, туку во Бугарија суштествуваат „насоки“ според кои целиот свет е бугарски. И тие „насоки“ се многу добро општествено, државно и финансиски поткрепени. На крајот на 2005 г. кога Љ. Г. ги подаде документите за бугарско државјанство, во Пловдив се одржа научен конгрес на тема: „Историја на древните Бугари и древниот свет“, чиишто заклучоци се: „Нашата историја почнува пред четири и пол потопи, што ќе рече пред 58. 000 г. пред Христа“. Во својата книга „Тајните на човековиот и бугарскиот род“ академик Владимир Цонев (претседател на Меѓународната академија за бугарознаење, иновација и култура) изјавува: „Богот на Вселената го носел името Пан, а со тоа име биле познати и Бугарите во стариот свет“. Некои автори прецизираат дека Бугарите, коишто ја колонизирале Земјата, биле од соувездието Голема Мечка. Академикот, како пророкот Јоло Денев, тврди дека Библијата е „историја на Бугарите“, а Аврам, Јосиф, Мојсеј и самиот Христос се Бугари. Во својата „бугарска библија“ тој вели: „Бугарите се јадро на народите по целата планета. Тие создале повеќе од 20 империи и 60 народи“. Споменатиот Цонев е автор и на книгата „Атлантида - земја на древните Бугари“ и „Древните Бугари - предци на Тракијците“. Измислици од таков вид секојдневно излегуваат во Бугарија и широко се пропагираат. Како одговор на бугарската и на грчката историја, одделни македонски ентузијасти пишуваат популистички текстови, коишто го нервираат Љ.Г. Тој се спротивставува на македонската заштитна реакција бидејќи внуците на Бај Гањо му лежат повеќе на срцето. „Новиот Бугарин“ значи заборава дека лагите не се дел од личното право на избор.
Лага е ако се сменат местата на причината и последицата. Освен тоа, не Македонците, туку Бугарија и Грција и денес мечтаат за „велики држави“.
Лага е тврдењето на Љ.Г. дека, според денешните „внуци на Аминта“, словенските народи имаат македонски корен. Такво движење изникнува во 17 век како резултат на борбата меѓу католицизмот и панславизмот. Последниот ги прогласува античките Македонци за Словени, а папскиот двор го лансира создавањето на илирската нација, при што ги идентификува Македонците со Илирите. И пропагира создавање „илирски литературен јазик“, всушност општословенски јазик со употреба на латинско писмо. И католицизмот и панславизмот го користат авторитетот на античките Македонци за свои цели, а Љ.Г. ги наменува гревовите на едните и другите на денешните македонисти. Само гол лаик може да тврди дека во древноста на Балканот „биле познати само три етнички суперсили: Елини, Тракијци и Илири. Ако античките Македонци не биле Елини, биле од тракиското семејство“! Точката на гледање на многумина странски академици уште во 19 век е поинаква. Според Милер и Мајер, а во 20 век - Тамб-Кикерс, Васмер, Кацаров, Бешелев, Будимир, Писани, Русу, Бариќ, Погирик, Шантрен, Катичиќ, Нероснак и други античкиот македонски јазик не бил грчки дијалект. Во 1897 година познатиот британски историчар на антиката Дејвид Г. Хогарт посочува дека македонскиот владетел Филип Втори ја создал „првата национална војска во Европа“. Бугарскиот академик Гаврил Кацаров во својот труд „Цар Филип Втори Македонски. Историја на Македонија до 336 г. пр. Хр.“ од 1922 г. стр. 11 целосно го поткрепува, според неговите зборови, „најдобриот познавач на историјата на елинизмот Корест“ кој пишува: „доволно е да се фрли поглед на времето на Филип и посебно на Александар и дијадохите: насекаде ќе се забележи јасната свест на Македонците дека се еден народ за самите себе, кој, како таков, има мисија да добие слава и сила во светот“. Меѓу современите автори кои категорично ги разграничуваат Македонците од Елините се Питер Грин, Пјер Жуге, К. А. Кинкејд, Доналд Лаган, Џон Шеј, Јуџин, Борза. Дури најголемиот поддржувач на грчките интереси Пол Картлиџ во својата книга „Александар Македонски“ (2004) е принуден да признае дека во македонската империја имало три националности: Македонци, Иранци и Грци. И дека по заземањето на Персија „Во шемата за поделба на светот замислена од Александар за Грците не било зацртано место“.
Во однос на „елинското“ потекло на Александар Први „Филелин“ (пријател на Елините) Љ.Г. самиот се порекнува и нема потреба да ги изнесувам аргументи на Г. Кацаров, Борза, Коспопулос и на античките автори Апиан, Страбон, Павсаниј за шпекулацијата што имала за цел учество на Олимписките игри на македонскиот владетел. Уште поелементарна е шпекулацијата на Љ.Г. дека мечтата на Филип Втори и Александар била „да го обединат елинскиот свет“. Како сведоштво, ниту Персија, ниту Индија, ниту територијата на Пакистан не се дел од елинскиот свет. Што се однесува до натписите коишто Александар и неговите военоначалници ги оставеле во завладеаните територии, тие се мошне илустративни: „Македонец од Бореја“, „Македонец од Европа“, „Македонец од Амфиопол“. „Македонец од Аретуса“ ит.н. Така што пред да истура глупости за „Гркот Александар“ Љ.Г. да го имаше разлистано само зборникот „Александар Македонски во науката и во свеста на потомците“.
Самиот наслов на статијата на Љ.Г. покажува дека тој го отфрла не само македонското античко минато туку и нашето целосно суштествување до 20 век. Бркајќи ја антиката со словенскиот период се обидува да ги уништи двата. За негова жал „дупката“ за која пишува не е во македонската историја, туку во неговата глава. Осуштествувањето на македонското народносно самосознание и самочувство е запечатено не само во средновековието, туку и во времето на османското владеење од патописци како Брокиер, Анџолето, Петанчич, Лубенау, Рубигал, Бетцек, Јакоб Хајмендорф, Филиопо Лоникело, Јован Радониќ, генерал Франсоа де Тот итн. На антропоморфна карта издадена во 1544 г. од Себастијан Монстер, Македонија, Грција и Бугарија се означени, а Србија и Албанија недостасуваат. Постоењето на македонската народност и јазик се посочени и во подоцнежни германски и француски етнографски карти. По тоа прашање кон крајот на 19 век и почетокот на 20 век пишуваат Австриецот Карл Хрон, Русинот Александар Ритих, д-р К. Пострајх, бугарскиот учен Петар Драганов и др. Стотици странски македонисти денес убедливо го разоткриваат историскиот континуитет во македонската историја. За нив Љ.Г. или нема знаење или му недостасуваат зборови. Да ги имаше прочитано само зборовите на Прличев искажани во 1885 г: „Мајка Македонија многу ослабна откако го роди великиот Александар, откако ги роди светите Кирил и Методиј, оттогаш мајка Македонија лежи на својата постела ужасно изнемоштена, совршено приумрена“. Големиот поет го упатува тоа на адреса на домашните и странските поети, коишто ја пијат снагата на Македонија.
Љ.Г. ја менува вистината со лаги не само во таа статија. Во интервјуто во сп. „Фокус“ цинично изјавува: „се уште не сметам да одговорам на прашањето имам или немам бугарски пасош“. Потпишувачот на указот (бр. 14 од 23 февруари 2006), вицепретседателот Ангел Марин го соопшти тој факт на 21 јули истата година, почекувајќи ги тогашните парламентарни избори во Р. Македонија, за да не му попречи на пратеништвото на Љ.Г. Понатаму во интервјуто Љ.Г. реторично прашува: „Јас бев пријател на Бугарија и пред да ја заземам премиерската фотелја, но за четирите години на моето управување дали некој стана Бугарин, ја дадовме ли Македонија на Бугарија“. Малку статистика. Во 1999 г. молби за бугарско државјанство поднесуваат 2.474 луѓе, во 2000 - 3.334, во 2001 - 5.495, а во 2002 околу 7.000 луѓе. Речиси половината од нив се на македонски граѓани.
За споредба, до 1998 година секоја година заедничкиот број на молби е под 1.000. Второ, со потпишаната, на 22 февруари 1999 г. заедничка декларација со Бугарија Љ.Г. не само што се откажа од заштитата на македонското малцинство, туку и подигна бариера пред Бугарија за ЕУ. На крајот на декември таа година во Хелсинки беше решено да почнат преговорите и нивниот почеток беше во февруари 2000 г. Поинаку кажано, денешната бомба со бугарските претензии кон Р. Македонија е залог од Љ.Г.. Затоа односот кон него е тест за зрелоста не само на останатите македонски политичари, туку и на целата нација.

Врати се на претходната страница   Врати се горе