Infinite Menus, Copyright 2006, OpenCube Inc. All Rights Reserved.
Људмил Спасов, професор по историја на македонскиот јазик

ДА ПРЕКИНЕМЕ ДА СЕ ИЗОЛИРАМЕ И СОЖАЛУВАМЕ

Виктор Цветановски

Треба ли да се откажеме од Св. Кирил и Методиј, бидејќи тие ја создале словенската, а не античката македонска писменост? Да се откажеме и од Св. Климент Охридски, бидејќи тој не бил антички Македонец, туку Словен кој ја развивал словенската писменост? Треба ли да го негираме нашето богато културно наследство, истото културно наследство за кое нашите соседи велат дека е нивно? Нам ни се потребни и Европската унија и НАТО. Само со афирмирање на нашиот литературен јазик и култура во западниот свет, никој повеќе нема да се запраша или да се посомнева во тоа кои сме и на каков јазик говориме. Тогаш, никој нема да ни каже дека не сме Македонци.
Ова се зборовите со кои професорот по историја на македонскиот јазик на универзитетот „Св. Кирил и Методиј”, Људмил Спасов, им се спротивставува на политиката на антиквизација и на обидите на дел од експертското и политичко мнение да ги протнат во јавноста тезите за самоодржливоста на македонската држава и нација надвор од границите на Унијата и на НАТО.
- Што, според Вас, и е потребно на Македонија за да ги утврди и да ги заштити својот идентитет, култура и јазик?
- Треба да ги афирмира својата култура, литература и својот јазик. Ние треба да се етаблираме како дел од светскиот мозаик. И тоа е потребно да го направиме пред да станеме дел од Европа. Поради тоа, нам ни е потребна културна соработка со Западот, и тоа со земјите од таканаречената прва брзина на ЕУ, Германија, Франција, Италија, како и, втората брзина на Унијата, Шпанија, Финска. Во времето на СФРЈ, ние имавме повеќе лекторати во западните земји, на пример, во Шведска, Австрија, Британија, дури и во Шпанија и во Италија. Но, по распагањето на федерацијата, останавме без ниту еден. Сега, на Западот, македонскиот јазик се изучува само на Катедрата по ориентистика во Франција, каде што постои само поради личната желба на една професорка која и по потекло е Македонка. Ние ги одржавме само односите со нашите традиционални пријатели Русија, Словенија, Полска, Чешка и Хрватска, но не успеавме или, за жал, не сакавме да ги возобновиме врските со Западот. Имено, свеста кај нашите западни ко-леги, професори, уметници не е однапред дадена по автоматизам. Тие не се раѓаат со мисла дека постои автентична македонска култура зад која стои македонска нација и зад која стои македонска држава. Па доколку таму се афирмираме, тогаш никој нема да го постави проблемот дали е ова македонски јазик, јазик на една нација, или јазик што се зборува во некој регион. Крајно време е да излеземе од оваа балканска рамка.
- Колку на земјава и е местото во Европската унија и колку таа ни е потребна нам?
- Нашиот јазик и нашата култура припаѓаат на современиот свет. Тоа е факт. Но, без нашето членство во ЕУ, со самоизолација, самосожалување дека нас никој не не сака, ние не постигнуваме ништо. Не сме само ние тие што имаат проблеми и пречки. Речиси сите народи имале слични проблеми. Во целата словенска култура поголемите и посилните народи ги негираат помалите, ги негираат нивните јазици, култура. Русите ги негираат Украинците, Украинците - Белорусите, Русите - Белорусите, Чесите - Словаците, Словенците - Хрватите, и така до бескрај. Но, оние што успеале да се изборат да влезат во ЕУ, тие успеале да се етаблираат таму, и веќе не се поставува прашањето дали нивниот јазик и култура се нивни. На пример, Кашубите во Полска. Се до приемот на Полска во ЕУ, тоа малцинство беше негирано. Дури откако станаа дел од Унијата, тие успеаја да се изборат за своето право да говорат на својот јазик. Тие сега имаат своја телевизија, весници и нивниот јазик повеќе не се смета за дијалект на полскиот јазик. Но, ние во моментот се изолираме и се самоуништуваме. Сега, до нас можат да стигнат барања на Бугарите да признаеме дека нашиот јазик е бугарски дијалект, Србите дека е јужносрбијански јазик, Албанија ќе ни рече дека кај нив не постојат Македонци и македонска заедница, а Грција дека Егејците се население кое говори словенски дијалект, но дека тие немаат никаква врска со македонската нација и со македонската држава. Поради тоа, надвор од ЕУ и од НАТО, без афирмирање на запад, ние ќе останеме само народ кој никогаш нема да прерасне во нација.
- Штетна ли е политиката на антиквизација токму кога земјава се судира со обидите за оспорување на македонскиот идентитет?
- Не може една наука која почна како забава да стане официјална политика, онака како што тоа се случи кај нас. Не е кој од народите не излезе официјално да тврди дека има антички корени. Освен тоа, обидите да докажеме дека ние говориме антички јазик, дека античките Македонци говореле јазик сличен на денешниот, и дека сме ние првите кои изговориле и напишале некој збор, се апсурдни. Верувам дека таквите ентузијасти веројатно сакаа да покажат дека ние не сме ниту Бугари, ниту Срби, но со тоа ние се самонегираме, се откажуваме од нашата култура и се изолираме од светот. Ние, со мешањето на политиката во ваквите тези, стануваме за потсмев.

Врати се на претходната страница   Врати се горе