Infinite Menus, Copyright 2006, OpenCube Inc. All Rights Reserved.
Резолуција за укинување на грчките дискриминаторски закони

ЕВРОПСКАТА УНИЈА ГИ ВРАЌА ДЕЦАТА БЕГАЛЦИ ДОМА

(Преземено од МИМ)

Европската унија ќе и наложи на Грција да ги укине законите со кои на бегалците од граѓанската војна што не се Грци по род им се забранува да се вратат и да си ги бараат своите имоти. Координативното тело на Македонците од егејскиот дел и неколкумина влијателни европарламентарци до Европскиот парламент поднесоа резолуција со која се бара Грција да ги укине дискриминаторските закони од 1982 и од 1985 година и очекуваат таа да биде усвоена по неколку месеци.
Ѓорѓи Доневски, претседател на Здружението смета дека оваа иницијатива ќе биде прифатена и дека Европскиот парламент ќе увиди дека овие два закона се во целосна спротивност со европските норми.
- Грција може да трпи огромни последици ако не ја почитува резолуцијата. Во протоколот број четири од Женевската конвенција за заштита на човековите права, која Грција ја нема ратификувано, стои дека ниту една држава не смее да ги протерува своите граѓани и да не им дозволува да се вратат и да ги управуваат своите имоти. Тоа може да биде најголемиот аргумент парламентот да ја донесе резолуцијата - вели Доневски.
Според пописот на имотот на Македонците што здруженијата на децата бегалци го спроведоа минатата година, неговата вредност е околу 10 милијарди евра. Речиси сите сопственици се среќаваат со многубројни тешкотии при обидот да си ги повратат одземените имоти. Единствената надеж им е да ангажираат грчки адвокати, кои би ја воделе целата постапка во надлежните институции. Досега, пак, никој не сакаше да ги застапува случаите на Македонците во судовите во Грција стравувајќи за својата безбедност и работа.
Доневски вели дека свеста, посебно во градовите во северниот дел полека се менува и неколкумина реномирани адвокати веќе прифатиле да ги застапуваат случаите на Македонците за враќање на имотите.
- Иако сме свесни дека прво треба ги исцрпиме сите правни мерки во грчките судови пред да се жалиме во Судот за човекови права во Стразбур, основната задача ќе ни биде да ги убедиме европските власти дека за нас грчките судови се недостапни и дека имаме објективни пречки да ги искористиме сите правни ресурси - објаснува Доневски. Околу 3.000 Македонци од егејскиот дел на Македонија веќе неколку години залудно ја тужат Грција во Судот за човекови права во Стразбур. Тужбите за одземените имоти Судот досега воопшто не ги разгледуваше поради основното правила дека за тој да постапува треба да се исцрпат сите правни механизми во државата во која е настанат спорот. Покрај враќање на имотите, протераните Македонци од Судот за човекови права ќе бараат и можност во грчките институции да вадат државјанства, изводи за раѓање и катастарски документи, кои им се неопходни во овој спор. Протераните Македонци можат да патуваат во Грција само ако во нивните пасоши не стои македонски назив на местото на раѓање или доколку таа графа е празна и ако не е наведено местото на нивното раѓање.

Врати се на претходната страница   Врати се горе