Infinite Menus, Copyright 2006, OpenCube Inc. All Rights Reserved.
Разкази

100 ПРИКАЗНИ ПО 100 ЗБОРОВИ

Мишо Јузмески

1
Денес завршија редовните избори. Се избираа: нов претседател на Републиката, нови пратеници во Народното собрание, нови градоначалници, нови членови на градските совети.
Изборот не беше лесен. Имаше многу кандидати, секој способен да ја врши работата на посебен начин, со разновидни програми за работа. Најфанатичните беа готови и животот да го жртвуваат за татковината. Викаа: „еден е животот, но една е и татковината“!
По многу тешки размисли и убедувања, народот успеа да ги препознае и да си ги избере своите вистински водачи. А според Уставот, избраните ќе треба да дадат заклетва за верност кон татковината. Заклетвата е закажана на 1-ви април.

2
Добив покана за состанок во далечно планинско село. Ќе се разговарало за прашања од животно значење, па посакаа да го чујат и моето мислење.
Отпатував со првиот автобус. Тој ме остави во подножјето на планината. Потоа, откако чекорев цел час по тесниот пат по угорнина и во придружба на ситен дожд, успеав да пристигнам на состанокот.
Се разговараше на висок глас, со многу пцости и навреди. За среќа, јас бев поштеден од сето тоа зашто не кажав ни збор.
На крајот ме испратија со покана за следниот состанок. Ми рекоа: „дојди пак; од градски човек можеме многу нешта да научиме“!

3
Археолозите истражуваа околу црквата во која пред педесет години беше свадбата на баба Мара.
„Имаме сознанија за присуство на големи цивилизации и очекуваме значајни откритија“ – велеше главниот археолог.
По две години работа, на археолозите им успеа да го постигнат првиот позначаен резултат. Открија златен предмет со високи уметнички достигнувања за времето во кое бил создаден.
„По илјадници години во земјата, природно е што има оштетувања, но со малку труд можеме да му го вратиме вистинскиот сјај“ – се пофали главниот археолог и го покажа големото откритие пред камерите.
Баба Мара го исклучи телевизорот и оттрча да си го земе венчалниот прстен.

4
Во нашиот крај внукот го наследува името на дедото, а името на бабата се пренесува на внуката.
Решивме да ја испочитуваме традицијата. Кога се роди нашата ќерка, немаше спор дали треба да го добие името на нејзината баба. Не згрешивме. Каде и да отидеше, сите во еден глас викаа: „ах, колку убаво име имаш“!
Потпорасна и решивме да ја земеме со нас на море. Границата ја минуваа илјадници луѓе, но нашата ќерка никако не сакаа да ја пропуштат. Рекоа: „не ти чини името – најди си друго“! Тогаш нашата ќеркичка заплака и ни запраша: „зошто баба ми сте ја крстиле Македонка“?

5
Ме приковаа за подот. Кучињата постојано ми ’ржеа над главата, а цевките од пушките уште ги чувствувам во слабините.
Откако ми ја претурија целата куќа наопаку, ме прашаа каде ја кријам марихуаната. Им одговорив дека такво нешто кај мене нема да најдат. Тогаш ме натераа да им ја покажам градината.
Работеа цела ноќ и собраа си што им се најде на патот. Ја откорнаа и последната тревка, а не заборавија од земјата да го соберат и најмалото ливче. Воопшто не им се лутам за предизвиканиот страв од кој за малку не ми пукна срцето. Жал ме е само за пиперките.

6
Три години му ветуваше на синот дека ќе му купи нов велосипед и повеќе не можеше да го лаже. Но, откако ги преброи сите свои пари и ги пресмета сметките што чекаа за плаќање, сфати дека нема доволно за роденденскиот подарок.
По долго размислување го избра најлошото решение. Под закрилата на ноќта ги собра сите капаци од шахтите на уличната канализација и ги продаде како старо железо. Сега имаше доволно пари за новиот велосипед, но не стигна да го купи зашто му јавија да побрза дома. На пат за училиште, синот си ги скршил нозете паѓајќи во една од шахтите.

7
Ноќеска помислив да бидам Адам на марсовската цивилизација. Не сакав да жртвувам ребра и Ева ја замислував како бегалка од Земјата. Потоа размислував што би правеле на долготрајното патување до Марс.
Целата ноќ ја минав размислувајќи што си треба да се направи за збогатување на атмосферата со кислород и намалување на атмосферскиот притисок. Размислував и за идните плодни полиња кои требаше да ги создадеме јас и Ева.
Во еден миг замислив како потповршинскиот мраз на Марс се претвора во бујни реки кои се собираа во езера и мориња. Од преселбата се откажав пред да се удавам во океанот на мислите.

8
Тој рече: „те молам, дозволи ми да останам со тебе до крајот на животот“. Наместо да одговори, таа се загледа во облаците.
Тој ја праша: „кажи што сакаш да бидам за тебе“?
Таа рече: „ништо, апсолутно ништо“.
Тој рече: „дај ми барем да бидам огледалото во кое секое утро ќе се огледува твојата убавина“, а таа тргна да си оди.
На крајот тој се развика: „па, добро, зар немаш барем малку љубов за мене“?
Таа се натажи и рече: „не сум толку лоша колку што мислиш; затоа, пред да си одам, еве ти еден бакнеж“.
Од меурот не остана ништо.

9
Во денешното издание на локалниот весник прочитав дека изградбата на новото фудбалско игралиште во нашиот град била при крај.
Чекорејќи долж мојата улица, гледам и нејзината обнова се довршува. Насекаде се растрчале луѓе, се работи, старите светилки се заменуваат со нови, а се поправаат и дупките на коловозот.
Воздухот го пара гласниот говор на учениците, кои се пресреќни што завршила учебната година и сите му се радуваат на долгиот летен одмор. Среќни се и работниците зашто наскоро ќе им заврши работниот ден.
И јас би сакал да се радувам, но огледалото ми вели дека и мојот живот е при крај.

10
Јадеше само грав и леб, а понекогаш и тоа му недостигаше. Единствената работа му беше да шета по плажите, да мечтае за поубав живот и да ги задева девојките.
Кога го снема од градот, сите поверуваа дека ја нашол среќата. Неговите пријатели редовно примаа поздрави со фалби за животот во новата татковина. „Многу убаво живеам, а мојата девојка од љубов не ме испушта од рацете. Заборавив што беше грав – сега јадам само шницли и колбаси“ – пишувал во писмата.
Се слушна дека по три години пак се вратил во родниот град. Го виделе на градскиот пазар. Бил сам додека купувал грав.

Врати се на претходната страница   Врати се горе