Infinite Menus, Copyright 2006, OpenCube Inc. All Rights Reserved.
Средба Оли Рен - Антонио Милошоски

ВИЗНА ЛИБЕРАЛИЗАЦИЈА И ДАТУМ ЗА ПРЕГОВОРИ

(Преземено од МИМ)

Македонија има реални шанси до крајот на годинава да добие датум за почеток на преговори, како и визна либерализација бидејќи нема сомнение дека е лидер во исполнувањето на критериумите за тоа во регионот, рече еврокомесарот за проширување Оли Рен на прес-конференцијата по средбата со македонскиот министер за надворешни работи Антонио Милошоски во Брисел.
Тој повторно и честита на државата за успешно спроведените избори и посочи дека долгоочекуваниот компромис за името со Грција треба да се направи годинава, особено по, како што рече, зајакнувањето на политичкиот мандат на Владата по изборите.
Според него, решавањето на проблемот со името ќе значи бенефит за сите и охрабри да продолжат преговорите под посредство на ОН.
Македонија, како што истакна Рен, треба да продолжи со исполнувањето на одредниците, а особено со борбата против корупцијата и реформите во јавната администрација и правосудството.
Министерот Милошоски, изразувајќи задоволство од искажаните честитки за успешно спроведените избори, рече дека со тоа се покажува оти Македонија има политички капацитети да продолжи со евроинтегративните процеси.
- Следниот чекор и приоритет за земјава се да добие препорака од Европската комисија за почеток на преговорите и за визна либерализација, истакна Милошоски. Тоа, посочи македонскиот министер за надворешни работи, ќе биде позитивен сигнал и за сите земји од Западен Балкан.
- Ако на Кирил и Методиј не им требало виза за да патуваат во Централна Европа во средниот век за да шират писменост верувам дека денеска Македонците заслужуваат многу скоро да можат слободно да патуваат, рече Милошоски и нагласи дека Владата ќе ги удвои напорите за исполнување на одредниците по изборите.
Верувам, рече Милошоски, дека Република Македонија има институционални и политички капацитети да влезе во овој амбициозен процес на пристапни преговори. Во врска со проблемот со името Милошоски нагласи дека Македонија бара компромисно и фер решение за двете страни, како и доследно почитување на Времената спогодба од 1995 година со која се забранува попречување на интегративните процеси на Македонија под временото име. Тој прецизира дека билатералните прашања не треба да се земаат како критериум за евроинтеграциите и го посочи примерот за спорот со Гибралтар меѓу Велика Британија и Шпанија кој се уште не е решен, а Британија и покрај тоа не ја спречила интеграцијата на Шпанија во ЕУ и НАТО.

Врати се на претходната страница   Врати се горе