Infinite Menus, Copyright 2006, OpenCube Inc. All Rights Reserved.
АНТИМАКЕДОНСКА ПРОПАГАНДА И СОН ЗА ГОЛЕМА САН-СТЕФАНСКА БУГАРИЈА

ГОСПОДО НАЦИОНАЛ-ШОВИНИСТИ, ЗОШТО ГО ЗАБОРАВАТЕ ЕГЕJОТ?!...

ЈАН ПИРИНСКИ

Во Бугарија не запираат јавните и безобразни аспирации кон Република Македонија. Сведоци сме на една гнасна, хистерична антимакедонска пропаганда. Искажувањето на претензии кон Република Македонија е во спротивност со европските принципи. Но, наспроти тоа, денес, макар да е членка на Европската унија, Бугарија демонстративно пропагира и дозволува незауздани изливи на негативна енергија кон една суверена држава, членка на Обединетите нации.

До кога, бугарски национал-шовинисти, ќе продолжувате со својата бесна, неиздржливо од-вратна и подмолна анти-македонска пропаганда? До кога?!
Неопходно е добро да се разбере од сите бугарски државници и политичари, но и од македонските, дека оваа брутална и јавна политика на Република Бугарија кон Република Македонија е многу тревожна и е потребна брза и неодложна интервенција за нејзиното ликвидирање. А тоа е неотповиклив долг токму на Република Бугарија, зашто таа ја создава и допушта, и таа треба да се заземе со решавањето на проблемот. Само слепците можат да не обратат внимание на една таква злобна и апсурдна политика, која всадува омраза кон македонскиот народ и држава.
Со што можат да се оправдаат национал-шовинистичките демонстрации и аспирации во Бугарија кон Република Mакедонија? Со што?
Се наметнува потребата бугарската интелигенција, луѓето во Бугарија што размислуваат демократски, да ги разобличат и осудат оние самоповикани индивидуи, кои се претставуваат за големи бугарски патриоти, а не се, и кои тргнале токму денес, кога се прават надчовечки општи напори за создавање на слободна и обединета Европа, да му натураат на својот народ една фикс идеја, една халуцинација, за голема сан-стефанска Бугарија, која никогаш не постоела и секогаш била и е неостварлива. Треба еднаш и засекогаш велико-бугарските пропагатори да разберат дека жестоко згрешиле кога се одлучиле да водат слична налудничава и незауздана пропаганда, која може да ги вовлече двата народа, а и нивните соседи, во врутокот на омразата и дури во една нова жестока касапница на Балканот.
Преку бугарските медиуми, радио, телевизии, весници и преку други најразлични форми на пропаганда, великобугарските „ентузиасти“ продолжуваат без никакво чувство на одговорност да му ја натураат на бугарскиот народ апсурдноста на една одамна умртвена илузорност наречена голема сан-стефанска Бугарија.
Обично во пропагандата против Република Македонија прво место зазема злосреќно познатиот псевдоисторичар Божидар Димитров. Неговото име се појавува во скоро сите весници, неговото лице во скоро сите телевизиски емисии. Особено непријатен впечаток остава неговото однесување,не на професор, а на краен македономразец. Широко поддржуван од политичари и државници, тој се јавува како изразител и амблем на една цела политика. Пропагандната акција којашто во Бугарија се води веќе со години против Република Македонија остава впечаток и со фактот дека кога македонските новинари одговораат на оваа злобна пропаганда, во Бугарија веднаш се прогласува дека Македонија шири антибугарска пропаганда.Метод доволно мизерен за практикување. Се разбира, ако некој не верува во вистинитоста на тоа што го пишувам, нека ги следи бугарските телевизиски емисии и печатени медиуми и ќе се убеди.
Она што е најтревожно и опасно е тоа што пропагандата водена од бугарските ултранационалисти против Република Македонија отворено се поддржува и штити од низа бугарски државници и политичари. И дали всушност спомнатите национал-шовинисти не се камуфлажа и производ на државната антимакедонска политика? Доказ за последното се новоиспилените ванчомихајловистчиња, оваа мизерна навала на паразити, кои живеат од оваа политика. Доказ дека е во прашање државна политика се изјавите на поранешниот претседател Петар Стојанов дека Македонија е најромантичниот дел на бугарската историја и многубројните изјави во тој правец на сегашниот претседател Георги Прванов. Тука се изјавите и на серија политичари и државници. И не само изјави туку и закани и конкретни чекори. И што излегува на крајот како факт и констатација? Дека целата оваа пропаганда и политика во суштина претставуваат официјална национална и државна доктрина на Бугарија, доктрина против еден сосед – Република Македонија, и против еден народ - македонскиот. Тоа е мизерната и жестока вистина.
Господо мераклии за изградба на голема сан-стефанска Бугарија, на „Бугарија на три мориња“ и т.н., на која основа претендирате дека земјата и народот во Р. Македонија се бугарски? Дали се повикувате на волјата и самоопределбата на тоа население? Но, тоа самото изјавува дека е македонско, дека неговата земја е македонска. Можеби на меѓународни договори се повикувате? Но договорот што ја подели Македонија – Букурешкиот, а и оној по него – Версајскиот, Вардарска Македонија не ви ја дадоа вам, туку на друг, на Србија, а на Бугарија и ја дадоа Пиринска Македонија. И еве, Србите не претендираат за она што по волјата на македонскиот народ го изгубија, а го правите вие! Зошто во сите овие години постојано и исклучиво се нафрлате само врз Република Македонија? Зошто само за неа тврдите дека населението и земјата таму се бугарски? Зошто? Ами Егејска Македонија? Како ќе ја постигнете сан-стефанска Бугарија, како ќе стигнете до три мориња без териториите на денешна Северна Грција? Зошто го изоставате Егејот, господо! Зошто не ги упатувате истите овие јавни претензии кон Грција, каде според вас голем дел и од нејзината територија е бугарска, а населението бугарско? Или тие не се бугарски? Нели и таму Бугарската егзархија ја вршела истата асимилација на македонското население, како и во Вардарскот дел на Македонија, а исто така и во Пиринскиот дел и тоа во едно и исто време. Зошто го заборавате Егејот? Зошто?
Букурешкиот договор од 1913 г. ја распокина и подели територијата на Македонија, подарувајќи ги деловите на Грција, Бугарија и Србија. Но од 1944 г. на политичкиот простор на Балканот веќе ја имаме државата Народна Република Македонија, со свои државни институции, со свој македонски јазик и култура, со свои граници, па макар и во рамките на Социјалистичка Федеративна Република Југославија. И тоа е историски факт што никој не може да го порекне. По распаѓањето на СФРЈ, Република Македонија преку референдум одржан на 8 септември 1991 г. ја прогласи својата независност и таа како суверена држава денес е призната од сите земји на светот, членка е на ООН, а над 120 земји ја имаат признато под нејзиното уставно име. Но, таа држава, творба на македонската нација никна на само еден дел од Македонија – Вардарскиот, и не успеа да ја обедини Македонија. И еве, денес Република Македонија не поставува прашање за обединување на Македонија, се откажува од претензии кон своите соседи дури со текстови во својот устав, си во името на добрососедството и европските принципи. Наспроти тоа Бугарија продолжува да го манипулира својот народ дека населението, историјата, културата, јазикот и земјата на македонската држава се бугарски, дека македонска нација не постои. Да, но наспроти сите непријатели, Македонија е жива, таа постои и опстојува и нема сила која ќе го запре нејзиниот развој.
Но, на прашањето: за да биде создадена таа имагинарна голема сан-стефанска Бугарија, за да излезе Бугарија на три мориња таа треба да вклучи во себе македонска, а и не само македонска земја. Територија на различни држави, и тоа во времето на неповредливост на границите. Зарем не сфаќате, господо мегаломани, дека овој ваш сон бил и може да биде само едно – сон? Тоа што некогаш за малку сте владееле со делови на Македонија зарем ви дава некакво право? Ако е тоа основа за решавање на прашањето кому му припаѓа дадена земја, што тогаш ќе стане ако и Турција ја побара земјата што ја влладеела петстотини години овде на Балканот, коешто е и вистина? Тогаш што ќе одговориме сите ние чии претци биле турски поданици? Ако ја прифатиме вашата политичка логика нема да остане ништо друго освен да минеме под власта на Турција. А ако некој посака да ја обнови Римската империја?! Ами ако и ние, Македонците, ги побараме земјите завладеани од Александар Македонски? Каде сте вие тогаш?!

Врати се на претходната страница   Врати се горе