Infinite Menus, Copyright 2006, OpenCube Inc. All Rights Reserved.
Академик Блаже Ристовски

ТРИСТА НАУЧНИЦИ ЈА НАПИШАА МАКЕДОНСКАТА ЕНЦИКЛОПЕДИЈА

Виктор Цветановски

Г. Ристовски, наскоро ќе излезе од печат Македонската енциклопедија. Што содржи таа? Колку луѓе беа вклучени во нејзината подготовка?

- Во подготовката на Македонската енциклопедија се вклучени околу 300 автори на текстовите. Во неа се презентираат научно проверени податоци и факти од најстари времиња до денеска, како впрочем и во сите други енциклопедии. Притоа треба да се има предвид дека нашата не е општа, туку само национална енциклопедија, дава податоци, факти и личносги само од територијата на Македонија. Застапени се сите племиња и народи што минувале или останале на овие простори, сите цивилизации што владееле и влијаеле, од античката и римската цивилизација, Латинското Царство, Ромеја (Византија), османлиското владеење и сите повремени навлегувања - на Бугарите, на Србите и на другите освојувачи на овие простори. Настојувавме, колку што можат да соберат кориците на два тома, да вклучиме се што е најбитно, без претензија дека сме дале се. Ниту тоа ни беше целта ниту, пак, тоа е возможно.
Ова е кратка енциклопедија што ги опфаќа најзначајните појави, пројави, настани и процеси, како и личности од историјата и современоста на Македонците и на етничките заедници во Македонија. Инаку, МАНУ работи на повеќетомна енциклопедија. Така и почнавме, да направиме повеќетомна енциклопедија. Меѓутоа, се покажа дека тоа е многу долгорочна задача, дека ќе трае повеќе години. Прва енциклопедија на една земја, на една нација не се прави преку ноќ. И затоа, по примерот на Лексикографскиот завод на Хрватска, решивме првин да направиме една кратка енциклопедија, која може релативно побрзо да биде направена и потоа да продолжиме со повеќетомната. Впрочем, првиот том на повеќетомната енциклопедија веќе го имаме горе-долу склопено. Меѓутоа, неа ја оставивме за да направиме една мала, двотомна, во која ќе го опфатиме поглавното од она што треба да влезе во повеќетомната. Енциклопедијата е во печат и сакам да биде готова до крајот на март месец. Предвидено е пократка верзија да биде објавена и на англиски јазик.

Кои области се опфатени во енциклопедијата?

- Сите области. Сметавме дека нам ни е потребна цела лична карта на Македонија. Зашто ова не е општа, туку токму само национална енциклопедија. Да ги претставиме Македонија и Македонците во една историска, но и во современа димензија. Да можеме сите клучни прашања да ги фиксираме и со научна аргументација да ги претставиме, без впуштање во какви и да е квалификации, туку просто документарано и со научно проверени факти. Во опширната повеќетомна енциклопедија ќе имаме повеќе простор и таму ќе дадеме поголема ширина и на текстовите и на определниците за да може да се даваат и оцени и пошироки образложенија и аргументации.
Енциклопедијата почнавме да ја работиме од есента 2005 година. И покрај сите реални тешкотии, мислам дека, погледнато енциклопедистички, направивме подвиг: ја создадовме за релативно кусо време првата национална енциклопедија. Секој што се занимавал со енциклопедистиката, знае дека станува збор за избор, фиксирање и оцена на милиони податоци, од сите области на историјата, науката и воопшто на современиот живот. И од сето тоа треба да се избере она што е најсуштествено. Не велам дека сме погодиле и сме внесле баш се што е битно, но настојувавме да го внесеме најважното, независно дали, на пример, личностите им припаѓале на левите или на десните политички струи, дали тие биле црни или бели, светли или мрачни. Одевме фактографски.

Претпоставувам дека во тимот што ја подготвуваше беа вклучени и Албанци, Власи, Турци, Срби и претставници од другите етнички заедници?

- Се разбира, вклучени се и претставници на другите етнички заедници. Тоа ќе го видите уште на првите страници.

Се говори дека имало притисоци енциклопедијата да не биде македонска, национална, туку да биде поставена на поинакви основи?

- Да, имаше, меѓутоа редакцијата застана на ставот дека таа треба да биде прва национална енциклопедија и во неа да бидат застапени сите во Македонија, со рамноправна застапеност не само на Македонците туку и на сите етнички заедници и култури во границата на Република Македонија.

Дали текстовите за малцинствата се подготвени од нивни автори. Се знае дека Албанците имаат поинакво гледање на минатото на македонските простори и ја протежираат историјата на својата матична држава. Како ги надминавте тие разлики?

- Македонската енциклопедија содржи научно проверени факти. Настојувавме да не завлегуваме во дневнополитички прашања, уште помалку партиски. Енциклопедијата е лишена од целата таа наслојка. Не се впуштаме во тоа дали Албанците или Романците или, пак, Власите се потомци на овој или на оној. Тоа би значело да отвориме дискусија. А во енциклопедијата нема дискусија, ни коментари. Во неа се даваат факти, податоци. Таа, пред се, е фактографија за настаните, состојбите и личностите од минатото и од сегашноста.

Се очекува Албанците да реагираат, а енциклопедијата да не ја прифатат како своја.

- Зошто да реагираат и зошто да не ја прифатат? Наша грижа беше научната вистина за нас во Македонија. А Тирана и Приштина си прават свои истории и енциклопедии. Ние правиме наша, заедничка енциклопедија.

Во редакцијата за подготвување на енциклопедијата бил и академик Луан Старова, но поднел оставка?

- Тој беше во главната редакција, тоа е забележано. Учествуваше извесно време и се откажа со официјално образложение дека тој, пред се, е писател и дека сака да си ја заврши својата романсиерска сага за семејството, сака да се оддаде на таа цел првостепена за него.

Како во енциклопедијата се третираат Македонците од нашите простори кои станаа познати и имале голема улога во општествата во соседни држави. На пример, во Бугарија многумина Македонци биле познати политичари, научници, уметници...?

- Сите позначајни личности од македонско потекло кои на каков и да е начин придонеле во научен, политички или друг поглед во други држави се обидовме да ги вклучиме. Не само од Бугарија. Ја вклучивме и дијаспората. Тоа е и наше население, се декларираат како Македонци.

Има некои спорни личности од македонското минато, како што се, на пример, Ванчо Михајлов, Тодор Александров и други. Како ги претставивте нив?

- Спорни личности во историјата нема. Може да има спор само за нивната дејност. Ванчо Михајлов, Тодор Александров и други личности и настани, главно поврзани со Бугарија и со ВМРО, исто така се фактографски застапени во Македонската енциклопедија.

Енциклопедијата сигурно ќе придонесе многу македонската вистина да допре во светот и тој да се запознае со нашето видување на сопственото минато.

- Појавата на првата Македонска енциклопедија е историски чин, првпат се појавува со македонското име и со македонски поглед. Со тоа Република Македонија влегува во редот на земјите и народите што создале енциклопедиска синтеза на своето минато и на својата современост. На она што било и останало по нејзиниот милениумски цивилизациски пат.
Тоа е научно фундирано огледало на генерациите и на современиците што ги рефлектира сознанијата на овие простори од праисторијата до денес. Со тоа современата македонска научна мисла се обидува сублимирано да га претстави одделните развојни периоди, подрачја и струки и да го формулира сопственото гледиште врз македонските работи.
Порано постоеше редакција на Југословенската енциклопедија за Македонија, но од неа излегоа само првите два тома и по распаѓањето на Југославија таа престана да се печати. Во неа, меѓутоа, Македонија беше многу скромно застапена како историски субјект, оптоварена и со идеолошки и политички наслојки на времето. Во Македонија постоеја и други обиди да се направат енциклопедии и лексикони. Господинот Јован Павловски подготви четиритомна општа енциклопедија со определници и за Македонија, а пред тоа беше издадена и петтомната Детска енциклопедија на „Детска радост”. Има тематски енциклопедиски прирачници за одредени области, како што е Македонскиот историски речник на Институтот за национална историја. Но, сите тие се на нивото на лексиконски изданија.
Самата појава на првата национална енциклопедија добива своја тежина и рефлекс и во нашата земја, веројатно и надвор. Има доста енциклопедии што ја застапуваат Македонија. Меѓутоа, таму ја нема македонска Македонија, таму се преосмислени фактите и Македонија и Македонците се претставени не само низ субјективните призми туку и во рамките на државните интереси на тие земји. Некаде е претставена како бугарска, некаде како српска, некаде како грчка, а еден дел како албанска. Затоа сакавме да направиме еден ваков претенциозен научен прирачник што ќе ги смести фактите на вистинското место и да може нашиот човек (а и надворешниот свет) да ја согледа целината на Македонија. Тука се објавени и доста илустрации, карти и графикони. Се надеваме дека енциклопедијата и од ликовнографички аспект ќе биде на едно достојно ниво.

СИТЕ ВЕТУВАА, САМО ПОСЛЕДНАТА ВЛАДА ДАДЕ ПАРИ

Иницијативата за подготовка на Македонската енциклопедија е од поодамна. Зошто таа се реализира дури сега?

- Од финансиски аспект историјата на Македонската енциклопедија е доста незгодна за раскажување. Порано државата не покажуваше чувство за реалната потреба на Македонија за ваква енциклопедија. Владите не покажаа слух за тоа што значи такво дело за една држава. И покрај сите штедри ветувања од една влада, добивме само еден милион денари (за повеќетомната енциклопедија). А имавме ветувања и за осум и за 14 милиони денари. Направивме и подготвивме посебен Закон за Македонската енциклопедија со детална програма. Се остана на МАНУ. Ни денар не се даде. Работевме волонтерски, со скромни средства на МАНУ. Но, немаше сила и моќ сама да го понесе тој товар. Оваа енцклопедија ја финансираше сегашната Влада. Есента 2005 година премиерот Никола Груевски ја посети Академијата (со свои министри) и во разговорите му беше кажано за потребата, во рамките на 40-годишнината на МАНУ, да се подготви и да се издаде еднотомна енциклопедија. Премиерот вети и даде 150 илјади евра, со тие пари и плус уште 2 милиона од фондот на Академијата ги исплативме соработниците и го направивме тоа што денеска ја претставува ова двотомна Македонска енциклопедија. Во сегашниот состав на главната редакција се академиците: Илија Васков (кој го продолжи членството на Ѓорѓи Филиповски), Владо Камбовски (кој го замени Цветан Грозданов), Благој Попов, Блаже Ристовски, Гане Тодоровски и (привремено) Луан Старова. Главен редактор е Блаже Ристовски, а научен секретар е Симо Младеновски.
(Интервјуто е преземено од МИМ)