Infinite Menus, Copyright 2006, OpenCube Inc. All Rights Reserved.
Во официјално писмо до Црвенковски

ОБАМА НЕ НАРЕЧЕ МАКЕДОНИJА

(Преземено од МИМ)

„До претседателот на Република Македонија“, така е адресирано писмото што Барак Обама, претседателот на САД, на 2 март му го испрати на својот македонски колега Бранко Црвенковски. Во него Обама му се заблагодарува за честитките упатени по повод неговата инаугурација.
- Со преземањето на одговорностите и должноста на претседател на Соединетите Американски Држави, навистина ги ценам Вашите охрабрувачки зборови. Се надевам дека ќе соработуваме во дух на мир и пријателство, за да изградиме што побезбеден свет во текот на наредните четири години - пишува Обама во писмото до Црвенковски.
Ова не е прва писмена комуникација меѓу двајцата претседатели.
Но, во сите обраќања на американскиот претседател до македонскиот државен врв, во деловите што ги објавуваа кабинетите на претседателот и на премиерот не може да се забележи како Обама ја именува земјава.
Дилемата за употребата на уставното име од страна на новата американска администрација се појави поради традиционалната блискост на демократите со грчкото лоби во САД. Обама беше еден од десетте американски сенатори што ја потпишаа резолуцијата бр. 300 во американскиот Сенат во која се бара „Поранешната Југословенска Република Македонија“ да прекине со непријателските активности и пропаганда против Грција.
Шефицата на грчката дипломатија, пак, Дора Бакојани веќе се сретна со заменикот на Обама, Џо Бајден, кој исто така важи за човек близок до грчкото лоби. Според медиумите на нашиот јужен сосед, Атина по изборот на Обама очекува подобри денови за грчко-американските односи, а нивниот премиер Костас Караманлис веднаш по изборите во САД побара средби со претседателот Обама и заменик претседателот Бајден, но тие си уште не се реализирани.
Соединетите Американски Држави го признаа уставното име на земјава во 2004 година, веднаш по започнување на вториот мандат на поранешниот претседател Џорџ Буш. Некои аналитичари прогнозираа дека заминувањето на Буш од Белата куќа ќе значи и понеповолна позиција за Македонија во спорот за името со Грција. Американскиот амбасадор во Скопје, Филип Рикер, пак, неколку пати повторуваше дека Вашингтон нема да ја смени политиката кон земјава без разлика дали на власт ќе бидат демократите или републиканците.