Infinite Menus, Copyright 2006, OpenCube Inc. All Rights Reserved.
Со вестите за падот на визите

МАКЕДОНЦИТЕ СЕ ПОМАЛКУ БАРААТ БУГАРСКИ ПАСОШИ

(Преземено од МИМ)

По најавите дека до крајот на годината без визи ќе може да се патува во земјите од Европската унија, Македонците се помалку земаат бугарски пасоши. Ова го тврдат сопствениците на агенциите за посредување, кои со години наназад бележеа тренд на нагорна линија на вадење бугарски пасоши. Македонците вадеа бугарски пасоши пред се за да ги избегнат турканиците пред амбасадите и без виза да патуваат во Европа. Од агенциите за посредување тврдат дека последниве неколку месеци само дваесетина граѓани се заинтересирале да почнат процедура за вадење бугарски пасош.
- Граѓаните што доаѓаат кај нас објаснуваат дека секојдневно слушаат како за Македонија ќе важи безвизниот режим и повеќе не им се исплати да вадат бугарски пасоши.
Процедурата трае повеќе од една година, а и тие граѓани што веќе ги поднеле документите, бараат постапката да се запре и да им ги вратиме парите.Секојдневно се убедуваме дека не може да им ги вратиме парите-вели сопственик на фирма за посредување за бугарски пасоши од Струмица.
Исто така, во весниците, се помалку можат да се најдат огласи за луѓе што посредуваат за вадење бугарски пасоши иако изминативе години ги преплавуваат огласните страници.
Европската унија досега неколкупати најави дека Македонија ги исполнува сите услови да се најде на белата шенген-листа и доколку претстојните избори поминат без инциденти, ќе нема никакви пречки до крајот на годината да се укинат визите.
Интересот за вадење бугарски пасоши трае веќе десетина години, а нагла побарувачка имаше кога Бугарија стана членка на ЕУ.
Многубројните македонски државјани што работат во странство доколку поседуваат бугарски пасош без никакви проблеми можат да дојдат до вработување и до неопходната работна дозвола. Спротивно на тоа, доколку тоа го прават со македонски пасош, најпрвин се судираат со проблемите во амбасадите, каде што мора да покажат купишта документи за да го оправдаат престојот.
Постапката за вадење бугарски пасош може да трае и неколку години. Кандидатите прво пополнуваат изјава дека се чувствуваат како Бугари или приложуваат документи со кои докажуваат дека имаат бугарски корени. Потоа се плаќа од 300 до 500 евра и се чека на посредниците за да се подигне пасошот, државјанството и личната карта во некој од пограничните градови во Бугарија.
Иако не постојат официјални податоци колку македонски граѓани досега зеле бугарски пасош, неофицијално се говори за бројка од 20.000 „новопечени“ Бугари. Поголем дел од нив се од источниот дел на Македонија, од реонот на Струмица, Штип, Свети Николе, Македонска Каменица, каде што и не постои фамилија во која некој нема бугарски пасош.
Неодамна и Бојко Борисов, лидер на опозицијата во Бугарија и најсериозен кандидат за нов бугарски премиер, изјави дека само со економски вложувања и издавање бугарски пасоши за македонските граѓани Македонците ќе можат да ја сфатат вистината за бугарските корени.