Infinite Menus, Copyright 2006, OpenCube Inc. All Rights Reserved.
Интервју со проф. Георги Радулов

БАЛКАНСКИТЕ НАРОДИ НЕ СЕ ДОБРО ДЕФИНИРАНИ

(Преземено од МИМ)

Вашата книга „Историјата на Македонија – апологија на македонството“, што неодамна беше објавена во Скопје, ја работевте неколку децении. Што е тоа што Ве мотивира да се зафатите со оваа обемна работа, која особено е тешко да се извршува ако се знае дека живеете во Бугарија, средина што негира се’ што е македонско?
- Како Македонец по род и лојален бугарски граѓанин, секогаш сум сакал да има слога меѓу двата соседни и братски народа. Мислам дека многу добри (свесни) Бугари се манипулирани и имаат неточна претстава за историското минато на двата народа. Верувам дека ако тие чесни, добри луѓе ја разберат вистината, ние можеме да живееме како добри соседи. Не велам како браќа, зошто денес односите ни се како меѓу браќа кои не можат да го поделат наследството.
А што се однесува до бугарската антимакедонска средина во која живеам, тоа си има и добра страна. Тогаш кога не сум расположен да работам, ќе се најде некој да напише нешто неточно, антимакедонско. Тогаш ќе се изиритирам и ќе седнам да пишувам за да ја кажам вистината.

За сознанијата што ги изнесувате во книгата користите околу 400 автори што пишувале за Македонија и за нејзиното минато, како и многу изворни документи. Кои се сознанијата до кои дојдовте околу Македонците и македонската нација?
- Јас се чувствувам Македонец, а Македонците се посебен народ на Балканот, како и останатите балкански народи - Срби, Бугари, Грци, Албанци... Во тоа немам никакво сомневање. Меѓутоа, посебно сакам да подвлечам дека во исто време ние сме многу блиски со сите тие народи. Со сите имаме заеднички историски херои и личности од културната историја на Балканот. Во таа смисла, сите, вклучувајќи не’ и нас Македонците, мора да бидеме внимателни да не ги навредиме патриотските чувства на нашите соседи.

Соседите на Македонија и ден-денес го присвојуваат македонското минато - Бугарите сметаат дека Македонците имаат бугарски корени, Грците го негираат македонското име, а Србите македонската црква. Што мислите Вие за тоа, што покажуваат Вашите истражувања?
- Моите истражувања покажуваат дека сите балкански народи не се добро историски дефинирани. И таа е основната причина за нашите недоразбирања. Еве нека каже некој што добро ја знае историјата кој е Елин (Хелен, Грк) во 1780 година. Во Отоманската Империја нема Елини, има Ромеи. Но, тоа значи и Македонци, и Грци, и Бугари, и православни Албанци. Нема Елини во Византија, и таму има Ромеи, а нашите прадедовци, исто така, се Ромеи. За мене Македонците немаат бугарски корен. Но, мора да знаеме дека во одредени историски периоди поимите Илир, Бугарин и Србин значеле и Словен. Тоа може да се докаже со историски факти. Така и словеногласните Македонци се викани неофицијално Бугари, а и сами се нарекувале Бугари. Во мојата книга давам такви примери и нема ништо страшно во тоа.
Добро би било да се знае дека тие факти се злоупотребуваат од бугарската историографија. Почитуваниот византолог Димитар Симеонов Ангелов вели дека бугарската народност е формирана во 7, 8 и 9 век. Прво мора да се одбележи дека мал дел од Македонија околу сто години бил во рамките на Бугарија. Има делови што биле во нејзин состав само околу 20-30 години, еден дел не влегувал во рамките на таа држава. Тјурко-Бугарите, кога се доселиле на Балканот, во Македонија наишле на христијанизирано население. И словеногласните се веќе околу 200 години на таа територија. Тие се христијанизирани, а можеме да речеме и византизирани. Примиле во извесен степен византиски (христијански) вредностен систем, заеднички ритуали и обреди. Кога дошле на тие простори, Тјурко-Бугарите во почетокот биле пагани што зборуваат тјуркски дијалект, кој е неразбирлив за Словените и за старомакедонското население. Не би сакал да ги навредам патриотските чувства на Бугарите, но не можам да не го поставам прашањето што носат Тјурко-Бугарите како цивилизаторски потенцијал споредено со Византија. Меѓутоа, и Бугарите стануваат христијани, но религиозните ритуали се изведуваат на грчки. Подоцна на словенски, но на јазик на македонските Словени озаконет како литературен јазик од родени Македонци - византиски поданици. Каде го гледате овде бугарското? Каква е разликата меѓу Словените во Византија и тие во тјуркска Бугарија? Зошто не станавме Византијци за време на повеќестолетното византиско владеење, а станавме Бугари!? За да се формира народ за толку кус временски период, неопходен е голем цивилизациски потенцијал - развиена духовна и материјална култура, соодветен јазик, религија.
Црквата е значајна институција. Таа сторила многу за развитокот на општеството. Направила и добро и лошо. Моето образование е атеистичко. Хистијанин сум по традиција. Склон сум да поверувам дека има некоја виша сила, виша свест. Го прифаќам како нешто разумно, благородно, човекољубиво. И мислам дека со тоа не ги навредувам многу папите, патријарсите, кардиналите, владиците, муфтиите, оџите, рабините и сите слични на нив. Треба да се каже и една друга вистина, а тоа е дека многу народ е умрен во одбрана на вистинскиот Бог во религиозните војни!?

Според Вас, дали можат да се надминат спротивставените толкувања на историјата на балканските држави и, конечно, споровите од минатото да се заборават и да не бидат залог за иднината?
- Во тој правец сум оптимист. Еве, Германија и Франција беа вековни непријатели. Се најдоа големи луѓе како Де Гол и Ајзенхауер и други, ја проценија добро ситуацијата и повеќе од 60 години се добри пријатели во обединета Европа. Се надевам дека ќе дочекаме да се родат балканските Де Гол и Ајзенхауер. Повеќе очекувам од интелигенцијата. Имаме добри примери - Иво Андриќ, Никос Казанѕакис, Пеју Јаворов, кој гледајќи што прават Бугарите во Првата балканска војна, го напушта фронтот и се враќа дома. Или Бранислав Нушиќ, на кого српските власти во истото време му предлагаат да биде раководител на Битолската област, но и тој гледајќи што прават српските власти, не прифаќа. За жал, еве веќе 170-180 години балканската интелигенција прави многу повеќе да ги оддалечува балканските народи отколку да ги зближува.

Вашата книга има по малку претенциозен наслов „Историјата на Македонија - апологија на македонството“. Зошто го ставивте овој наслов, зошто апологија на македонството?
- Не сум дипломиран историчар. На научното поприште во Бугарија книгата ми создаде многу проблеми. Во книгата го пишувам тоа што јас го мислам за минатото на Македонија, она што го потврдуваат и фактите за време на моето истражување. Сметав дека е разумно таков да биде насловот. Зашто за мене апологија означува одбрана на идеја или на што било друго без сила, без оружје, а само со аргументи, со логични заклучоци.

Македонците во Бугарија не можат да се изборат за ниту едно право како национално малцинство, иако Бугарија неколку години е членка на Европската унија. Како гледате на вашата сизифовска борба за своите права. Дали Бугарија ќе ги прифати реалностите?
- И тука сум оптимист. Има и многу добри Бугари. Ние Македонците, исто така, имаме вина. Мора да ги почитуваме Бугарите. Да не ги навредуваме на патриотска основа, но да им покажуваме како ние ја гледаме историската вистина. Како ја гледаме иднината.

Македонската актуелна власт очигледно има различни аршини кога станува збор за малцинствата во соседните држави. На пример, премиерот Никола Груевски испрати повеќе писма до ЕУ во заштита на Македонците во Грција, но не реагираше на недоличните изјави на повеќе бугарски политичари за македонското малцинство и за македонската нација. Што мислите за таквиот однос на македонската држава? Како реагираат Македонците во Бугарија?
- Прво ќе подвлечам дека ние ги почитуваме властите на Македонија како избрани од македонскиот народ. Не се интересираме од која партија се. Мислам дека имате право. Си го споменувам случајот со одговорот на бугарскиот премиер Сергеј Станишев дека Македонците во Бугарија не сакаат да имаат своја партија итн. Тоа не му прави чест ниту на премиерот Станишев ниту на македонскиот премиер Никола Груевски, кој ништо не кажа по таа изјава. Но, ние не сакаме да им наштетиме на македонско-бугарските интереси. Сакаме да помагаме за добрите односи помеѓу двете држави. Ме чуди зошто така се однесуваат македонските власти. Можеби тоа не е пожелно за некои виши државни интереси!?
По тој повод проф. Иван Калев, инаку член на Директорскиот комитет на Меѓународната федерација на филозофските друштва, претседател на Асоцијацијата на филозофите од Југоисточна Европа и на Бугарската филозофска асоцијација, вели: „Не можам да разберам зошто така се држи македонската Влада. Таа жестоко ги напаѓа Грците, кои го оспоруваат само името, што според него е формално, а не ги напаѓа Бугарите, кои го негираат целосно македонскиот идентитет, што е пофундаментално од философска гледна точка“.
Не можам да ја разберам истата позиција на Европската унија, која ги заштитува правата на малцинствата, но не може да ја убеди Бугарија да го признае македонското малцинство. Откако не ги спроведе неколкуте пресуди од Европскиот суд во Стразбур во полза на ОМО „Илинден“ - ПИРИН за регистрација на партијата, се прашувам дали Бугарија реално е член на Европската унија при таква состојба и таков однос.

МАКЕДОНЦИТЕ ПОВЕЌЕ НЕ НАВРАЌААТ ВО КУЛТУРНИОТ ЦЕНТАР

Се чини дека и македонската држава малку прави за вас Македонците. Македонскиот културен центар во Софија порано беше ваше сврталиште, но повеќе не е тоа. Ретко кој Македонец навраќа таму. Зошто? Дали во прашање е односот спрема вас на новиот раководител или, пак, станува збор за нешто друго?
- Во право сте. Јас мислам исто така. Македонскиот културен центар беше средиште за пријатели на Македонија и Македонци во Бугарија кога се раководеше од еден што е половина Македонец (по татко Бугарин), но кој многу добро ги бранеше македонската вистина и интересите. Денес, како што вели еден македонски патриот во Бугарија, д-р Коста Георгиев, има два бугарски културни центри, еден во Скопје и еден во Софија. Покани за манифестациите што ги организира центарот добиваат луѓе кои не го почитуваат македонскиот национален идентитет, кои го негираат. На пример, на прославите не беше покануван проф. Иван Калчев, претседател на Друштвото за бугарско-македонско пријателство и голем пријател на Македонија. Мораше да интервенира амбасадорот Абдурахман Алити за да биде покануван.
Секогаш сме сакале кога доаѓаат во Бугарија некои државници од Македонија, да посакаат да се сретнат со нас Македонците, но ретко се случуваше тоа. Не знам зошто таков однос. Што има лошо во тоа, а ние ќе добиеме кураж и самочувство. Нешто направи во тој правец Лилијана Митревска, која извесен период ја вршеше в.д. амбасадорската функција. Македонија имаше многу интелигентни амбасадори во Бугарија и добро бевме примани од нив, но најдобро не’ разбираше нас Македонците амбасадорот Абдурахман Алити. Му благодарам многу за се’ што направи и настојуваше да направи за нас. Мислам дека ја изразувам и желбата на многу Македонци.