Infinite Menus, Copyright 2006, OpenCube Inc. All Rights Reserved.
СЛОБОДНА И ОБЕДИНЕТА ЕВРОПА Е МОЖНА САМО ПРИ СТРИКТНО ПОЧИТУВАЊЕ НА ОСНОВНИТЕ Й ПРИНЦИПИ

НЕОПХОДНА Е ОПШТА ВОЛJА ЗА ДА СЕ РЕШАТ ПРОБЛЕМИТЕ

ЈАН ПИРИНСКИ

Денес, кога европските држави вложуваат напори за остварување на демократските принципи и идеи за слободна и обединета Европа, недозволиво и апсурдно е постоењето на шовинизмот. Особено и најмногу тоа се однесува на членките на заедницата кои се примени во Унијата како веќе излечени од оваа подмолна за народите болест.

Но, овој синдром, кој со векови ги поставува соседите во непријателство и непрекинати конфликти и вoјни, постои и денес. Ја имаат ли денес потребната одлучност, волја и умешност соседните земји заедно и тоа засекогаш да го ликвидираат тоа безумство?
Уништувањето на оваа опасна за народите болест може да биде постигнато само со добрата волја и одлучност на политичарите и државните раководители, решени еднаш за секогаш да се ослободат од своите ретроградни шовинистички талози. Бидејќи коренот на ова зло доаѓа токму од таму.
Како што е познато, по ослободувањето на Бугарија од турска власт, од разбирливи причини се појавува така наречениот прелиминарен Санстефански договор, кој постанува фикс идеја за бугарските шовинисти. Имено од овде го води својот официјален почеток великобугарскиот шовинизам. Опијанети од санстефанската фатаморгана, великобугарските шовинисти и денес без прекин ги демонстрираат своите апетити истакнувајќи пароли за „Бугарија на три мориња“. Мета на денешните великобугарски „великани“ е Република Македонија, при што се негира македонската нација, народ, историја, култура и јазик. И тие го припишуваат и присвојуваат сето тоа за себе, плашејки се да признаат дека голем дел од културата и самото писмо кај нив дошло од Македонија. Не случајно, поранешниот руски амбасадор во Република Македонија, Јуриј Трушин, во свое интервју го изјави следното: „Ние сме благодарни на Македонија бидејќи на нас, на Русите, таа ни даде две големи нешта – писмото и религијата“.
Општопознато е дека војните меѓу Бугарија, Србија и Грција завршуваат со поделба на Македонија и со потпишувањето на Букурешкиот мировен договор во 1913 г. Најголем дел од територијата на Македонија освои Грција. Возобновувањето на македонската држава (1944) предизвика страв кај грчките мегаломани. Овој страв, потпален со претензиите дека тие се потомци на античките Македонци, ја фрлија во хистеричен бес Грција, па таа си зеде улога и права на судија и кум на Македонија и Македонците.
Елините создаваат своја држава во 1830 г. нарекувајќи ја Грција. Зошто тогаш таа не прифати да се нарекува Македонија, а се определи за името Грција? Уште повеќе што немало кој да и пречи при изборот на име. Зашто не се определила како Македонија, кога толку многу се гордее со славните херојства на Александар Македонски? Зошто? Затоа што се познати политичките гневни говори на древниот атински државен администратор Демостен (IV в. пр. н. е.), наречени филипики, упатени против Филип Македонски кој ги потчини Елините. А Демостен го нарекува Филип варварин, односно негрк, бидејќи за него Македонците не се Грци туку варвари. Ако Грците биле Македонци, тогаш зошто ќе треба Филип Македонски да војува со нив да ги убива и потчинува? По битката кај Херонеја (338 г. пр.Хр.), поразените од Филип Грци издигнале споменик на убиените од Македонците нивни сонародници и поставиле на него натпис: „За да ја спасиме нашата света Елада ние бевме убиени“, каков што никогаш не ставале на убиените во безбројните војни меѓу грчките држави. И уште и уште колку многу примери од кои може да се види историската вистина и големата заблуда, со која Грција ги манипулира својата и светската јавност.
Фатаморганите на соседите на Македонија во овој исклучително долг историски период биле особено болни. Но за своето легитимирање како новосоздадени државички на Балканот, се разбира, тие имале и голема потреба од аргументи за да го докажат и потврдат своето постоење. Во таа смисла тие започнале да ги фабрикуваат своите истории така како што им одговарало. Напишаните истории со изопчени историски вистини, со кои им натураат на своите народи дека се големи држави со херојско минато и дека треба вечно да се борат за уште неостварените национални идеали, всушност стануват главниот инструмент за развојот на оваа веќе со векови нелечлива болест – националшовинизмот. Имено, овие апсурдни творби се во основата на најкрвавите историски времиња на народите – современите.
Имаат ли можност народите да се ослободат од оваа опасна шовинистичка болест? Да, имаат. И тоа е можно. Во идејата за слободна и обединета Европа по силата на мотивот за ова слободно обединување е заложен демократскиот принцип државите членки на заедницата да ги почитуваат основните човекови права и слободи на своите граѓани, меѓу кои и оние на националните малцинства. Фактот, дека државите го примаат своето вклучување во една заедница на добра волја и замен соживот, сам по себе зборува дека тие немаат амбиции и аспирации кон своите соседи за територии или нешто друго. А тоа всушност значи дека коренот на ова вековно зло – шовинизмот – меѓу соседите е веќе искоренет и опасност во иднина за неговото појавување нема.
Да, тоа е така, но жалното е дека Европската унија има примено земји кои не одговараат дури ни на најелементарните принципи и критериуми на Унијата, какви што се случаите со Грција и Бугарија. А тие критериуми се човековите права и слободи на граѓаните и правата на националните малцинства во земјите. На Македонците во Бугарија со децении не им се признаваат правата и слободите. Не се дозволува регистрација на ОМО „Илинден“ - ПИРИН, која е членка на Европската слободна алијанса. Грција макар да ја регистрира партијата „Виножито“, која исто е членка на Европската слободна алијанса, се однесува како последната да не постои и го негира постоењето на македонското малцинство на својата територија. Двете земји не се интересираат од фактот дека Европската слободна алијанса е парламентарно претставена во Европскиот парламент бидејќи незакрепнатата европска државност сеуште им остава простор за такво однесување. И не само тоа. Уште пофрапантен е фактот дека Грција со потресна безобразност не само пред очите на Европската унија и НАТО, на кои е членка, но и пред лицето на целиот свет, сака да и го определува на Република Македонија името, нешто невидено и непостоечко до денес на светот.
Макар Република Македонија да не е примена за членка во Европската унија и НАТО, таа всушност претставува пример за регионот, а можеби до некаде и за светот, за тоа како треба да се почитуваат човеките права и слободи и на националните малцинства. И нека соседните земји црпат пример токму од неа, а не да се плашат дека почитувајќи ги правата на малцинствата на нивна територија ќе ги загрозат своите национални интереси.

Всушност, заклучокот е дека решавањето на проблемите меѓу соседите може да биде постигнато заеднички преку дијалог, со добра волја за соживот и добрососедство и со меѓусебно почитување. Со признавање на политичката реалност, денес на Балканот. Тоа е единствената алтернатива, која може да ни гарантира искрени добрососедски односи.