Infinite Menus, Copyright 2006, OpenCube Inc. All Rights Reserved.
Иста приказна од Атина

НЕМА МАКЕДОНСКО МАЛЦИНСТВО

(Преземено од МИМ)

Грција останува доследна на својата досегашна политика на упорно негирање дека на нејзина територија постојат и други малцинства, освен признатото – муслиманското.
„Во Грција не постои ‘македонско’ малцинство“, е официјалниот одговор на грчката влада упатен до комесарот за човекови права на Советот на Европа по неговиот извештај за ситуацијата со малцинствата и слободата на здружување во Грција. Попатно, официјална Атина признава дека во околината на Лерин постојат „група грчки државјани“ кои зборуваат еден „словенски дијалект“.
Томас Хамарберг во извештајот објавен деновиве во Стразбур по декемвриската посета во Грција, изрази длабока загриженост поради упорното одбивање на грчките власти да признаат дека во Грција постојат и други малцинства, покрај муслиманското малцинство, при што тој мислеше и на македонското малцинство. Хамарберг при посетата на Грција немаше средба со претставниците на македонското малцинство, но очигледно тој добро е запознат со неговата положба.
Во извештајот тој ги пренесува констатациите на ЕКРИ и на органите на ОН, каде што, меѓу другото, речено е дека и покрај непризнавањето на ниту едно друго национално или јазично малцинство, грчките власти признаваат оти во северна Грција постојат „мала група лица што без ограничувања, покрај грчкиот јазик, користат словенски идиоми во рамки на семејството или при неформални разговори“.
Според властите, „словенско ориентираната група грчки граѓани во грчкиот регион од Македонија слободно учествуваат преку својата политичка партија во парламентарните избори во Грција“. Комесарот додава дека за време на изборите за Европскиот парламент од 2004 година, партијата Европска слободна алијанса Виножито, со седиште во Лерин, освои 6.176 гласа, што претставува 0,10 проценти на национално ниво.
Грчката влада во својот допис испратен до Стразбур ја повторува добро познатата позиција дека во Грција не постои македонско малцинство. Грчката влада во ова тврдење се потпира на меѓународните документи од органите на Обединетите нации или од другите механизми за контрола на начинот на кој се почитуваат човековите права, во кои нема препораки со кои може на една држава да и’ се наметне официјално да признае една група како малцинство.
Грција овде се служи и со пропустите и на Европската рамковна конвенција за заштита на националните малцинства, која ја нема ратификувано. Во оваа конвенција нема точна дефиниција за национално малцинство и на државите што ја имаат ратификувано им дозволува самите да определат на кои етнички групи ќе им го доделат статусот на национално малцинство. При одбележувањето на десетгодишнината од нејзиното влегување во сила, во Стразбур беше посочена токму оваа слабост на рамковната конвенција, која им го дава правото на државите арбитрално да одлучуваат дали има малцинства или не.
„Во овој контекст треба да се подвлече дека непризнавањето од страна на Грција на одредени групи како ‘малцинства’ се заснова врз цврсти правни и фактички основи, објективни критериуми и специфични односи. Субјективните тврдења или перцепции на помали групи индивидуи кои не се базирани врз објективни факти или критериуми не претставуваат обврска државата официјално да признае група како малцинство и да им гарантира на нејзините членови малцински права“, стои во коментарот на официјална Атина на извештајот на Томас Хамарберг.
Атина го информира Стразбур дека сите нејзини граѓани ги уживаат правата слободно да учествуваат во економскиот, социјалниот и политичкиот живот на земјата. Притоа, таа ги посочува традиционалните културни настани што се одржуваат во околината на Лерин, кои се составен дел од локалното население. Атина во таа пригода обвинува дека „со години оваа група, која го сочинува интегралниот дел на локалното население, е изложена на политичко искористување од фактори надвор од Грција во политички контекст“. Тука не е посочено кој однадвор „политички ја користи оваа група“, иако меѓу редови јасно се знае на кого се мисли.
Што се однесува до барањето на комесарот за човекови права Грција да им ги врати одземените државјанства на припадниците на националните малцинства и да ја преиспита и можноста да им даде и отштета, грчката влада одговара дека не постои ниту една правосудна одлука на меѓународно ниво што има утврдено дека Грција неправедно им го одзела државјанството.
Комесарот за човекови права, Томас Хамарберг, подвлекува дека ќе продолжи да го следи развојот на ситуацијата во Грција и да започне отворен дијалог со грчките власти за да бидат промовирани и ефективно спроведени на дело нормите на Сoветот на Европа за заштита на човековите и малцинските права. Останува отворено прашањето дали Советот на Европа, во кој членуваат 27 земји-членки на ЕУ, ќе може да изврши притисок врз Грција за да го исполни она за што се залага европскиот комесар за човекови права и пред него Европската комисија за борба против расизмот и нетрпеливоста – ЕКРИ.
Во досегашната практика, Советот на Европа, во кој извршните одлуки на ниво на Комитет на министри се донесуваат со консензус, не се покажа многу плоден на ова поле. Тоа добро го знае Грција, која во својот одговор до комесарот се служи со правни факти, кои се на нејзина страна, односно само таа може да одлучи дали има или не македонско малцинство во Грција.
Но, актуализирањето на македонското прашање во Грција пред институциите во Стразбур ја наведоа Грција да заземе поинакво, „европско“ однесување кон нив. Сепак, ако сме далеку од нејзиното отворено признавање дека на нејзина територија постои македонско малцинство, сепак, таа започна да признава со врвот на усните дека постојат лица кои „без ограничувања, покрај грчкиот јазик, користат словенски идиоми во рамки на семејството или при неформални разговори“. Се’ послободното организирање културни манифестации во Леринско, за кои зборува и самата грчка влада, не дојде така наеднаш и само по себе. Извештаите и срамежливата акција на меѓународните тела за контрола на човековите права придонесоа за „отворањето“ на Атина.