Infinite Menus, Copyright 2006, OpenCube Inc. All Rights Reserved.
Комесарот за човекови права бара Атина да признае дека постои македонско национално малцинство

ГРЦИЈА ПОД ГОЛЕМ ПРИТИСОК НА СТРАСБУР

ТОНИ ГЛАМЧЕВСКИ

Нанси - Комесарот за човекови права на Советот на Европа, Томас Хамарберг, отворено бара од грчките власти да признаат дека во Грција постојат и други малцинства, освен официјално признатото муслиманско малцинство во Тракија. Тој тука, меѓу другото, мисли и на македонското малцинство.
Тоа е главната поента од извештајот објавен во Стразбур по посетата на Хамарберг на Грција од 8 до 10 декември 2008 година. За време на посетата, тој се сретна и разговараше со претставници на властите, на домашните и на меѓународните невладини организации, а имаше средби и со членови на малцинските групи што живеат во Грција.
Томас Хамарберг најголемиот дел од извештајот и’ го посветува на положбата на признатото муслиманско малцинство во Тракија, а потоа на непризнатото македонско малцинство. Општ е заклучокот дека припадниците на малцинствата во Грција се изложени и понекогаш страдаат од стереотипи и дискриминација, посебно при вработувањата. Имено, лицата што сакаат да го изразат својот македонски, турски или друг идентитет се судираат со непријателско расположение од населението во Грција.
Комесарот за човекови права на СЕ во својот извештај ги повторува истите забелешки направени пред неколку години од Европската комисија за борба против расизмот и нетрпеливоста (ЕКРИ), како и од органите на Обединетите нации - Комитетот за економски, социјални и културни права, кој во Финалните опсервации од 2004 побара од Грција да ја преиспита својата позиција во однос на другите етнички, религиозни или јазични малцинства кои се наоѓаат на нејзина територија, во согласност со меѓународните норми, со акцент на фактот дека и други етнички групи бараат да го добијат статутот на малцинство, кој го ужива само муслиманското малцинство. Односно, таа да им дозволи слободно да го уживаат правото на своја култура, слободно да ја практикуваат религијата и слободно да го зборуваат јазикот. Оттука и повикот на комесарот за човекови права до грчките власти да признаат дека постојат и други малцинства освен муслиманското.
Од Грција е побарано да направи напори за да ги заштити правата на малцинствата, во што се подразбира и правото на слободно здружување. За таа цел, Хамарберг советува создавање еден механизам за заштита на малцинските права, во согласност со нормите на Советот на Европа за да се осигура континуитетот на дијалогот на сите нивоа со малцинските групи во Грција.
Во извештајот комесарот за човекови права на СЕ констатира дека е направен мал напредок во почитувањата на малцинските права во споредба со минатите години, но сепак, ја повторува загриженоста поради упорното одбивање на грчките власти да признаат дека во Грција постојат и други малцинства, освен официјално признатото муслиманско малцинство во Тракија. Тој тука, пред се’, мисли и на македонското малцинство, при што во извештајот ги наведува пресудите на Европскиот суд за човекови права за одбивањето на грчките судови да го регистрираат Домот на македонската култура во Лерин, поради тоа што неговите основачи ја промовирале идејата дека во Грција постои македонско малцинство.
Десет години по пресудата, комесарот бил информиран дека ова здружение се’ уште не регистрирано, иако грчките власти во 2000 година го информирале Комитетот на министрите на Советот на Европа дека грчките судови ќе ги почитуваат одлуките на Европскиот суд за човекови права.
Хамарберг, исто така, повторува дека припадниците на македонската заедница побарале од грчките власти да го признаат нивното право на самоопределување и дека во Грција постои македонско национално малцинство. Грчките власти тврдат дека Грција е „приврзаник на правото на секое лице слободно да го култивира својот идентитет и дека припадниците на муслиманското малцинство во Тракија се слободни да го искажат своето потекло, да го зборуваат својот јазик и да ја практикуваат својата религија, обичаите и традициите“. Комесарот, сепак, забележува дека „лицата кои се со ромско потекло и кои живеат во регионот на Тракија не се сметаат како припадници на малцинство, туку како социјална кревка група“.
Според Хамарберг, постоењето малцински групи, без разлика дали тие се „национални“, „религиозни“ или „јазични“, не треба да се смета како важен фактор на поделби, туку како важен фактор за збогатување на грчкото општество. Затоа тој бара од властите на нашиот јужен сосед да се покажат отворени кон разновидноста во своето општество и да преземат мерки за да им дозволат на постојните малцински групи на нивна територија да се самоопределуваат и да го изразуваат својот идентитет.
Комесарот за човекови права е свесен дека можат да се појават тензии, но репресивниот пристап, односно елиминацијата на плурализмот, не е вистинскиот одговор. Од централните, регионалните и локалните власти на Грција се бара да ја охрабруваат толеранцијата и да воспостават отворен дијалог со сите малцински групи. Во тој контекст се бара повторно донесување од страна на Грција на еден национален план за акција во областа на човековите права.
Комесарот за човекови права потсетува и на членот 27 од Меѓународниот пакт за граѓански и политички права, ратификуван од Грција на 5 мај 1997 година, во кој стои дека „во државите во кои постојат етнички, религиозни или јазични малцинства, лицата кои им припаѓаат на тие малцинства не можат да бидат лишени од своето право, заедно со другите членови на својата група, да имаат сопствен културен живот, слободно да ја практикуваат својата религија и да го зборуваат својот јазик“.
Во однос на пактот, Комитетот за човекови права на Обединетите нации потсети дека во согласност со одредбите на пактот, земјата што го ратификувала е должна да се грижи овие права да не бидат негирани и да ги заштити од сите видови кршења. Слично како и Европската рамковна конвенција за заштита на националните малцинства.
Меѓу бројните препораки упатени до грчките власти, комесарот за човекови права бара од нив без одлагање да ги потпишат и да ги ратификуваат главните документи на Советот на Европа. Тука, пред се’, ги наведува Европската рамковна конвенција за заштита на националните малцинства, Конвенцијата за државјанство и Протоколот 4 од Европската конвенција за правата на човекот. Хамарберг потсетува и на Договорот од Лозана од 1923 година, со кој е предвидено заштита на малцинските групи.
Од грчките власти, исто така, се бара да им ги вратат одземените државјанства на припадниците на националните малцинства, а за тие кои живеат во странство или на нивните наследници да ја преиспитаат и можноста да им дадат и отштета.