Infinite Menus, Copyright 2006, OpenCube Inc. All Rights Reserved.
Признание на Бакојани

ГРЦИЈА РЕШИЛА ЗА ВЕТОТО УШТЕ ВО 2007 ГОДИНА

(Преземено од МИМ)

Грција признала дека симулира преговори
Изјавата на грчката министерка Дора Бакојани дека Грција го испланирала ветото една година пред самитот на НАТО во Букурешт покажува дека Атина цело време имала стратегија да ја блокира Македонија и дека само ги симулирала преговорите - изјави на 20 февруари премиерот Никола Груевски. - Цело време јас и моите соработници го тврдиме токму тоа - дека таму нема преговори, дека другата страна само бара начин како да не се договориме. Цело време го кажувавме тоа, но постојано, и дома и од грчка страна, бевме напаѓани дека не сакаме преговори - изјави Груевски на маргините на дводневната конференција „Македонија на патот кон ЕУ и НАТО“ што се одржуваше во Охрид. Тој вели дека Владата, знаејќи ја грчката стратегија, постојано повикувала на единство и на една посмирена заедничка реакција кон преговорите. - Сега, кога се обелодени грчката стратегија, кога картите се отворени, јас лично не барам од СДСМ да признае грешка и да се извини пред граѓаните за сите погрешни ставови, но барам единство во понатамошните чекори. Треба заеднички да се седне и понатаму да се размисли како да се остварат нашите цели, од кои не смееме да се откажеме - за членство во НАТО и во ЕУ и понатамошни реформи. Мора да продолживме да се бориме, но не смееме да го направиме тоа на наша штета, расправајќи се еден со друг кој е подеструктивен - рече Груевски. Грчките медиуми деновиве објавија дека Бакојани, во говор пред фондацијата „Костас Караманлис“, изјавила дека за ветото во Букурешт била донесена одлука летото во 2007 година, и дека тоа строго се криело од јавноста. Поранешниот бугарски претседател Жељу Желев, кој учествува на конференцијата, оцени дека оставањето на Македонија надвор од НАТО е опасно за целиот Балкан. - Тука ги имам на ум ставовите на некои кругови на етничките Албанци во Македонија кои се залагаат за кантонизација или федерализација на земјата или, во поекстремен случај, на поделба. Тоа е опасност што би можело повторно да го запали Балканот, овојпат од територијата на Македонија, но таквото сценарио секако нема да се ограничи само на неа - истакна Желев. Коментирајќи го проблемот со името, Желев рече дека тој е мошне незгоден бидејќи двете страни го употребуваат за постигнување одредени дневно-политички цели. - Забелешките на Грција ќе беа оправдани доколку Македонија се нарекуваше Северна Грција или Горна Грција. Во тој случај Грција ќе беше целосно во право да има забелешки за користење на нејзиното име. Македонија и во минатото, уште во составот на Југославија, се викаше Република Македонија и таа воопшто не го смени името по дезинтеграцијата на федерацијата - истакна Жељу Желев. Говорејќи на истата тема, премиерот Груевски рече дека Македонија е подготвена на компромис кој нема да ги загрози националните интереси и националното достоинство. - Би било апсурдно ако цената за влез во Европската унија стане нешто спротивно на европските вредности, односно откажување од сопствениот идентитет - рече Груевски. На собирот во Охрид, чија цел е поддршка и афирмација на стратегиската цел на Македонија - интеграција во ЕУ и во НАТО - учествуваат и поранешните претседатели на Македонија, Турција и Романија, Киро Глигоров, Сулејман Демирел и Емил Константинеску, како и други претставници од општествениот и политичкиот живот на Балканот.

Кумуцакос демантира, документот потврдува
Портпаролот на грчкото Министерство за надворешни работи, Јоргос Кумуцакос, демантира дека неговата шефица Дора Бакојани изјавила дека одлуката за вето била донесена во 2007 година.
Според соопштението на грчката канцеларија за врски во Скопје, коментарите на македонското МНР се „арбитрарни интерпретации на грчките позиции кон Македонија“. Оттаму се надеваат дека истите немаат за цел уште еднаш намерно да создадат погрешна слика во јавноста.
На оригиналниот документ од говорот на Бакојани на дебата на Институтот „Константин Караманлис“, објавен на веб-сајтот на грчкото МНР, јасно стои дека одлуката била донесена многу пред самитот на НАТО.
Грција тврди дека фокус на грчките напори е заемно прифатливо решение за името.

Ханџиски лично ја чул Бакојани за ветото
На дебатата каде што грчката министерка за надворешни работи Дора Бакојани изјавила дека ветото за влез на Македонија во НАТО е испланирано една година претходно присуствувал и македонскиот амбасадор во Атина Благој Ханџиски, тврди премиерот Никола Груевски. - Сосема е јасна ситуацијата затоа што таму присуствуваше и нашиот амбасадор Благоја Ханџиски. Тој тоа ми го потврди и лично во телефонски разговор. Ме информираше дека на дебатата присуствувале и други дипломати - изјави Груевски.