Infinite Menus, Copyright 2006, OpenCube Inc. All Rights Reserved.
Грчки расправии

АЛЕКСАНДАР Е ОКУПАТОР НА ГРЦИЈА

(Преземено од МИМ)

Статуата на Александар Велики, исклесана со неговиот лик уште во 1972 година, продолжува и понатаму да биде основата за кавгата меѓу политичарите и археолозите во Грција, околу тоа каде да биде поставена, пишува „Гардијан“, објаснувајќи дека 17 години откако е преземена од атинското Министерство за култура, таа лежи целата во прав во подрумот на едно складиште, чекајќи да се постигне договор.
Националистички обоените политичари во Грција предлагаат статуата на Александар да се постави на некој од античките плоштади во Атина. Тука, според нивното убедување, не само што ќе има најмногу посетители и гледачи, туку ќе се здобие и со достојното почитување од луѓето кои се гледаат како негови потомци.
Таквото гледање не го прифаќаат грчките археолози, „кои лондонскиот весник ги опишува како „снабдувачи со грчкото минато“ и ги прикажува како „моќно лоби“ во земја со многу антички наоѓалишта. Археолозите упорно се спротивставуваат на поставувањето на споменикот на Александар Велики во грчкиот главен град, затоа што славниот војсководец и крал дошол во Атина како освојувач.
Целата оваа расправија во Грција ќе останеше можеби незабележана ако сега одново не се оживеа караницата меѓу Атина и, како што весникот ја ословува Македонија, ФИРОМ. „Гардијан“ пишува дека уште од прокламирањето на македонската независност во 1991 година, Грција води спор околу тоа дека решението на нејзиниот северен сосед да се нарекува Македонија, носи со себе закана од територијални амбиции кон грчката провинција која го носи истото име.
Односите меѓу двете соседни земји се влошија уште повеќе откако „Поранешната Југословенска Република“, одлучи да го именува својот меѓународен аеродром „Александар Велики“. Ситуацијата уште повеќе се распали кога Атина го блокираше членството на Македонија во НАТО, заканувајќи се дека ќе стави вето и на приклучувањето на државата и во Европската Унија.
Тензиите продлжуваат да се зголемуваат и понатаму, откако градоначалникот во Скопје (веројатно се мисли на градоначалникот на општината Центар) соопшти дека на централниот плоштад во главниот град на Македонија ќе се постави, како што вели весникот, „пејачка статуа“ на Александар Велики качен на коњ. Статуата ќе се поставела во фонтана од каде ќе се слуша музиката на најголемата пејачка ѕвезда во земјата Тоше Проески, кој 2007 година загина во Хрватска во сообраќајна несреќа. Лондонски „Гардијан“ цитира изјава на градоначалникот во која се вели дека „нацијата ќе ги прослави двата свои најголеми синови на начин, на кој Грција тоа никогаш не го сторила.