Infinite Menus, Copyright 2006, OpenCube Inc. All Rights Reserved.
Интервју со академикот Блаже Ристовски

СЛОВЕНСКОТО ИМЕ СЕ РАШИРИ ОД МАКЕДОНИЈА

(Преземено од МИМ)

Писмениот јазик што Кирил и Методиј почнаа да го шират од Македонија требаше да и’ помогне на Византија во одбрана од Бугарите, кои и’ ги напаѓаа границите. Тој јазик, кој се развиваше со милениуми, и неговото писмо се раширија кај сите православни Словени, а во Охрид се создаде словенски Ерусалим - книжевен и културен центар кој подоцна го зачува македонскиот идентитет во долготрајното османлиско владеење, вели академик Блаже Ристовски, лингвист и историчар и главен уредник на Македонската енциклопедија.

Дали македонскиот литературен јазик е автохтон јазик?
- Како и сите народи, и македонскиот народ се создавал со милениуми и во себе вклучил разни и различни етнокултурни компоненти. До скоро се зборуваше дека ние сме Слоени, нашиот јазик е словенски и неговите корени треба да ги бараме најдлабоко до 6 век. А јас, за жал, не знам до каде допираат моите корени и корените на мојот јазик.
Историјата го формулира и дефинира македонскиот како словенски јазик. Точно е, во него има многу компоненти, впрочем, како и во другите современи јазици, од различни и народи и племиња и сите што доаѓале, поминувале или останувале на овие простори, но се издиференцирал еден стар словенски идиом што Кирил и Методиј го зеле од својата средина, од Солунско, и создале еден писмен јазик што го нарекле словенски.
Тој јазик бил создаден за потребите на самата Византија и по барање на Византија. Јас не мислам дека и пред тоа немало словенско писмо во Македонија, бидејќи пратеникот на моравскиот кнез Ростислав му рекол на византискиот император Михаил Трети дека во Македонија постојат такви учители што ним им се потребни за да можат да се борат против Франките и латинството.

Зошто е создаден писмениот јазик на Кирил и Методиј?
- Бидејќи во тоа време бугарската држава имала одбранбен договор со Франките за борба против Византија, таа склучила таков договор со Моравското кнежевство за да може да се одбрани од налетите на Бугарите, кои почнале да продираат во Македонија. Всушност, создавањето на првиот словенски писмен јазик врз основа на солунското наречје во основата претставуваше антибугарски чин на Византија. Тој јазик подоцна, кога се создала литература, голема писменост, станува културно оружје на Словените за одбрана на словенскиот идентитет и интегритет. Бидејќи тој словенски јазик беше признаен од Рим, од папата, стана четврти официјален јазик на Црквата, значи и на државата.
Ученикот на Кирил и Методиј, Климент, уште во моравската мисија беше назначен од архиепископот Методиј за епископ во илирскиот крај, каде што спаѓа и Македонија. Така Климент и Наум во Охрид создале книжевно-културен центар што до денеска се смета како словенски Ерусалим и се развивала писменост на тој словенски јазик. Од Охридската книжевна школа се развила богата писменост и култура што и денеска не’ обележува пред историјата.

Зошто словенски јазик?
- Кирил и Методиј знаеле дека во 9 век веќе имало државотворни обединувања наречени склавинии, и народот го викале словенски, па и јазикот го нарекле така. Кога го однесле на Запад, словенското име, кое тргнало од Македонија, станува име на Словените воопшто. Точно е дека словенскиот е јазик на разни Словени, а името од Македонија се раширило кај сите Словени што го употребуваат тој јазик. Многу е важно што со создавањето на државата на комитопулите, што потоа ја водел Самуил, првин се викала Склавинија, а не Бугарија. Тоа го потврдуваат новооткриените докази и аргументи. Дури по создавањето на Охридската црква како патријаршија под патронат на папата, како наследство било прифатено бугарското државно-црковно обележје, затоа што во тоа време била веќе елиминирана бугарската црква и држава, па државата во Македонија од Самуил почнала да се нарекува Бугарија. Меѓутоа, словенското име се зачувало, но не исчезнало ни македонското.
Таа писменост е најзачувана и најпозната токму во Македонија низ следните векови, го афирмирала самостојниот лик на македонската култура пред се’ преку јазикот и писменоста. Од 11-12 век, кога таканаречениот старословенски јазик во различни средини почнува да се диференцира во согласност со месното говорно подрачје, се создаваат таканаречените јазични редакции. Така и старословенскиот од Македонија подоцна станува македонски, македонска редакција што се развивала и зачувала преку писменоста. Овие сложени процеси не може да се разберат ако не се земат предвид сите компоненти. Треба да се има предвид дека склавиниите и Самуиловото Царство го создале првото државно обединување на населението што почнало да го формира јадрото на македонскиот народ, па следствено и македонскиот јазик, иако старословенскиот македонски беше во употреба кај сите православни Словени.

Каква е врската на тој јазик со јазикот на античките Македонци, дали може да се утврдат заеднички елементи?
- Нема сомневање дека веројатно некои елементи од тој јазик се влеале и во нашиот јазик. Но борбата против словенството денеска не е продуктивна ни оправдана, ниту пак е пожелна за македонскиот ентитет и за развојот на македонската научна свест. Дали сум Словен или мешавина - за светот воопшто не е битно, но светот ме прифаќа како член на словенското семејство на народите, бидејќи сите тие имаат блиски јазични и етнокултурни карактеристики. Јазикот се распространил со словенското име и тоа стана општо за голема група народи.

Кај некои од соседите постојат тврдења дека македонскиот е само дијалект на некој од соседните словенски јазици.
- Како може да биде дијалект, на пример, на бугарскиот! Кога се создавал старословенскиот писмен јазик Македонија немала никакви допири со Бугарија, која во текот на околу два века била друга, непријателска држава. Самиот Методиј, како стратег, ги бранел границите токму од Бугарите. Како може да се зборува за заеднички корен ако се знае дека во Бугарија дошле дел од Словените од гранката на Антите, а во Македонија главно од Склавините (Словените), кои сами по себе се различни. Тоа го признаваше и бугарската наука до неодамна. Како може два века да постои бугарска држава со олигархија на Протобугарите, кои беа Азијати и нехристијани, пагани, додека во тоа време, од доселувањето на Словените, во Македонија Склавините постепено се христијанизирале. Како што вели Мисирков, кај нас верата одела одоздола, од народот. Во Бугарија, пак, христијанството се наложило со декрет од кнезот.
Каква сличност, кога во Македонија имало христијанска словенско-византиска култура, а таму имаше паганска словенско-протобугарска култура и цивилизација. Тоа е голема разлика. Во Бугарија имало два века самостоен државен развој, а во Византија во склавиниите, како државна форма се развивал свој автономен живот. Во Бугарија се’ до покрстувањето владеела олигархијата на Протобугарите. Затоа, кога во 864 година (по заминувањето на Кирил и Методиј во Моравско) кнезот Борис ја зазел и Македонија, самиот почувствувал дека во бугарските граници влегле големи христијанизирани маси, па нужно се согласил да го прими христијанството. Но притоа жртва биле протобугарските болјари, кои немилосрдно биле ликвидирани. Оттогаш бугарската држава постепено почнала да се словенизира и дури по доаѓање на Симеон, кој после се прогласи и за цар, се словенизирала и Црквата и бил воведен словенскиот како службен јазик и во Црквата и во државата.
Разликите, значи, постоеле уште во тие времиња и се’ до 14 век си имаме свој, различен развој. Не случајно тука се дигнаа сите востанија, а Волкашин се издвои како крал на Македонија, со син му Марко како наследен крал. Но, за жал, тие работи речиси и не се учат во нашите училишта. Тие се всушност последните суверени на Македонија пред налетот на Турците, тоа е суверено кралство што со оружена сила ја бранеше својата територија. Затоа во 1369 година избувна Првата косовска војна против српските владетели Алтомановиќ, кнезот Лазар и царот Урош. Во таа војна победиле владетелите на Македонија, па бил заробен и царот Урош. Наскоро потоа, кога требало да се докрајчи започнатото проширување, пред портите на Европа се појавиле Турците и го загрозиле Углешевото владение и првпат била загрозена христијанска Европа.

ВОЛКАШИН И УГЛЕША ЈА БРАНЕА ЕВРОПА ОД ОСМАНЛИИТЕ
Единствено Волкашин и Углеша отишле да се борат против навлегувањето на османлиите во Европа, без никаква помош ниту од српските владетели, ниту од веќе уништената бугарска држава, вели академик Блаже Ристовски.
- Значи, не Скендербег, туку Волкашин и Углеша цело столетие пред него ја бранеле христијанската цивилизација на Европа од муслиманските османли. Во таа битка на Марица и двајцата (кралот Волкашин и деспотот Углеша) загинале, а не сакале да им дадат помош ни српските владетели, ниту пак остатоците од бугарската држава, која во тоа време била веќе елиминирана од Турците. Тоа кај нас не се афирмира достатно, а тоа е штета дури гледано на европски план.
Вистина, државата на кралевите Волкашин и Марко не се викаше Македонија (како што ни христијанската држава на Скендербег не се викаше Албанија!), туку се’ уште овие краишта се третираа како бивши ромејски владенија. Затоа и српскиот крал во круната ги издвојува како ромејски земји, воено заземени од Византија. Тоа кралство во Македонија, со Охридската архиепископија како неопходен државен столб, разви писменост и култура што го зачува словенскиот идентитет во долготрајното отоманско владеење и конечно во последниве два века го афирмира денешното македонско име.