Infinite Menus, Copyright 2006, OpenCube Inc. All Rights Reserved.
“Историјата не учи дека ние не учиме од неа”

Д-Р ГЕОРГИ РАДУЛОВ ЈА ИЗДАДЕ СВОЈАТА „ИСТОРИЈА НА МАКЕДОНИЈА“ ВО СКОПЈЕ

(Преземено од МИМ)

Во 1997 година во Софија на бугарски јазик излезе првото издание на Вашата „Историја на Македонија - апологија на македонството“. Еве, сега, по повеќе од една деценија доработена и проширена „Историјата…“ се појавува на македонски јазик во Македонија. Која беше целта да се зафатите со едно вакво капитално издание?
- Наша цел е да ја претставиме македонската историја погледната со очите и почувствувана со срцата на Македонци, кои не се плаќани од туѓинци и кои служат единствено на интересите на Македонија, нејзиниот народ и на целиот Балкан. Целта не ни е да ги разгоруваме националистичките чувства кај Македонецот. Не сакаме тој да се фати за оружје и да ја ослободува Македонија. Тие времиња поминаа. Македонецот треба да мисли за општобалканско разбирање. Целта ни е да ја покажеме историјата на Македонија за да се здобие Македонецот со национално самочувство.
Се надеваме дека интелигентните и толерантни луѓе, дури и противниците на македонството ќе најдат нешто вредно во книгата, бидејќи една македонска поговорка вели: „Таму каде што ветерот дува само од една страна, дрвјата растат криви“.
Целта на оваа историја е и да останеме верни на заветите на Гоце Делчев, кој истакна: „Јас го разбирам светот како поле за културен натпревар меѓу народите“.

Каква е според Вас поврзаноста на Македонија и Македонците со соседните држави и народи?
- Ја признаваме блискоста на македонскиот народ со неговите соседи. Поради географската положба Македонците, па и нашите соседи, не можат да имаат јапонско национално чувство за единствен идентитет. Ние сме братски народи, со многу заедничко во историската судбина. Во текот на повеќе од 2.300 години целиот или најголемиот дел од Балканскиот Полуостров бил во една држава. Тоа несомнено ги зближило балканските народи. Околу 170 години балканската интелигенција прави се за да ги разделува.
Ако некаде во книгата ги подвлекуваме разликите, тоа не е со цел да создаваме национално нетрпение, туку да ги разладиме запалените национал-шовинистички глави, да ги отапиме големодржавните мераци. Зашто за нас, балканските народи, целосно важи максимата: „Историјата не учи дека ние не учиме од неа“.
За време на илјадагодишното заедничко живеење нашите предци создавале, а во последните 200 години требаше да се раздели заедничкото материјално и духовно наследство. Мачно и тешко беше раѓањето на националните државички на територијата на европска Турција. Притоа раѓање помагаа големите сили и рожбата ги носи белезите на нивните интереси.
Границите меѓу нас не се строго етнички дефинирани. Тоа се политички граници и постепено, со добро обмислени чекори, треба да ги отфрлиме нивните разделувачки функции. Би сакале сите заедно да работиме за заемно уважение, разбирање и братство меѓу балканските народи.

Вашата Историја на Македонија е означена како апологија на македонството. Зошто?
- Под апологија подразбирам одбрана без оружје, со силата на аргументите, на фактите.
Политичките раководители на соседните земји видоа можност за реализирање на старите великодржавни соништа. Загрозена беше Македонија и македонскиот национален идентитет. Тоа ме натера да се зафатам со негова одбрана. Во тој зафат бев потпомогнат од достигнувањата на македонската историска наука и пошироко од македонската интелектуална мисла.
Како Македонец по национално сознание и како лојален граѓанин на Република Бугарија посакувам економски и културен просперитет на двете земји и барам формула за заемно разбирање, за што постојат и историски причини во еден подолг временски период.
Кога го бранам историското минато на Македонија и националниот идентитет на Македонците сакам моите сограѓани во Бугарија да видат дека за тоа прашање постојат и други мислења различни од тие прифатени во Бугарија.
И денес по толку години независна македонска држава се чини се уште не е изградено национално единство во однос на некои клучни прашања сврзани за македонскиот идентитет. На што се должи македонскиот историски товар?
Македонскиот историски товар е многу тежок бидејќи на македонска етничка територија повеќе од 150 години влијаат туѓи национални пропаганди. Нивната работа остави траги и го деформира историското сознание кај дел од македонскиот народ. Некои веќе и не се чувствуваа како припадници на еден ист народ. Престанаа да се разбираат. Дури почнаа и меѓусебно да се истребуваат. Дел од Македонците ги прегрнаа туѓите национални идеи поради отсуството на јасна историја. Во поголем дел, кога историјата била пишувана од автори родени во Македонија, тоа било од историчари воспитувани во туѓи образовни институции, плаќани од други држави. Тие работеле по порачка. А познато е - музиката свири по ќефот на тој што плаќа.
Како ги оценувате квалификациите дека македонската нација е вештачка творба?
Ако во однос на македонската нација има нешто вештачко, тоа е вештачкото потиснување на нејзиниот самостоен развој.
На македонска територија изникнуваа независни држави, Македонија влегуваше во составот на моќни империи и скромни државни творби, целосно или поделена. Раѓаше величествени монарси и војсководци, учени и градители, непокорни синови во борбата за независност.
Сожителството и заемното проникнување на различните култури даде добри резултати. Врвовите се античката македонска цивилизација и создавањето на словенската азбука и литературен јазик.
Блесокот на некои од нив ниту правта наталожена со векови не може да го затемни...
Ехото од племиња и народи продолжува да звучи во генетското наследство на секој Македонец. Македонија е дарувана со големо богатство - нејзиниот етно-лингвистички и религиозен букет. Букет од говори, обичаи, усно народно творештво, култни обреди, верувања, музика, антрополошки белези.

ПРВИОТ ТОМ Е ВО КНИЖАРНИЦИТЕ

Книгата „Историја на Македонија - апологија на македонството“ од Георги Радулов-Радуле беше промовирана вчера во Друштвото на писателите на Македонија.
Првиот том го опфаќа античкиот период од македонската историја, средновековието, па се до почетокот на Негушкото востание. Тој може да се купи во книжарниците на „Матица македонска“, „Табернакул“, и „Египетска сонувалка“, а наскоро и во сите книжарници во земјата по цена од 300 денари. Во тек е печатењето на вториот том, кој наскоро ќе се појави во продажба по идентична цена како првиот.

МИНАТОТО КАКО СУДБИНСКА ОПРЕДЕЛБА

Д-р Георги Н. Радулов-Радуле бил декан на Електро-механичкиот факултет на Рударско-геолошкиот универзитет „Св. Јован Рилски“ во Софија од 2001 до 2005 година.
Проучувањето на минатото и културата на македонскиот народ е негова судбинска определба. Во 1997 година во Софија на бугарски јазик ја објави книгата: „Историја на Македонија (Апологија на македонизмот)“. Во март 2001 година ја објави книгата „Кој ја фалсификува историјата“, што е одговор на антимакедонскиот памфлет на бугарскиот историчар д-р Божидар Димитров „Десетте лаги на македонизмот“.