Infinite Menus, Copyright 2006, OpenCube Inc. All Rights Reserved.
ЗАЕМНОТО ПОЧИТУВАЊЕ НА НАЦИОНАЛНИТЕ ИНТЕРЕСИ - ГАРАНЦИЈА ЗА ДОБРОСОСЕДСТВО И МИР

ПРЕТСЕДАТЕЛОТ НА МАКЕДОНИJА ВО СЛУЖБЕНА ПОСЕТА НА БУГАРИJА

ЈАН ПИРИНСКИ

КОНТАКТИ меѓу државниците се важни и неопходни. Особено овде на Балканот каде некои од земјите макар и членки на Европската унија уште се заробеници на своите ретроградни амбиции. Денес, во спротивност на европските принципи, тие дрско демонстрираат претензии и й го оспоруваат правото на Република Македонија на нејзин национален идентитет..

Убедени дека разумното решавање на проблемите може да се постигне само со добра волја и отворен, рамноправен и одговорен дијалог меѓу државите, ние од редакцијата на „Народна волја“ секогаш сме ги очекувале и поздравувале средбите и контактите меѓу државните раководители на споменатите земји.
Се разбира, за решавањето на сите проблеми разговорите секогаш треба да бидат јавни и отворени. Зашто само на таков начин можат да се очекуваат добри и посакувани резултати. И уште, бидејќи претензиите на Бугарија и Грција се неспоиви со веќе одамна одобрени документи и конвенции, меѓу кои и оние од Организацијата на обединетите нации и Европската унија. Република Македонија го има своето свето и морално право да го штити својот идентитет.
Не треба да постои никаков сомнеж дека, ако Грција и Бугарја се убедени во правилноста на идеите на Европската унија за правата и слободите на малцинствата, а да не зборуваме пак за цел еден народ каков што е народот на Република Македонија, сакале тие или не ќе треба да го прифатат правото на македонскиот народ да ја нарекува својата држава онака како што самиот сака.
Македонскиот претседател пристигна во дводневна службена посета во Бугарија на 10 февруари годинава. Тој се сретна со претседателот на Република Бугарија Георги Прванов, со премиерот Сергеј Станишев и со претседателот на Народното собрание Георги Пирински. Средбите на македонскиот претседател Бранко Црвенковски со бугарските државници поминаа, како секогаш досега, со вообичаеното традиционално однесување со неопходното внимание и гостопримство.
Претседателот Црвенковски продискутира за изјавата на градоначалникот на Софија и претендент за премиер на Република Бугарија, Бојко Борисов, дадена пред бугарската заедница во Америка (тој, по примерот на Грција, смета дека преку навлегување на бугарскиот бизнис во Република Македонија ќе може да се колонизира македонскиот народ). Црвенковски беше многу јасен и директен, велејќи дека изјавата на софискиот градоначалник ја смета за „политички штетна и апсолутно нелогична“. „Политички е штетна, бидејќи создава сомнеж и недоверба во односите меѓу двете држави и двата народа“, рече Црвенковски, додавајќи дека апсолутно е нелогична, бидејќи Борисов не знае врз кои принципи функционира бизнисот, а врз кои принципи се чува и заштитува националниот идентитет.  Црвенковски во тој контекст како пример наведе дека најголемите инвестиции во Македонија доаѓаат од Грција, но дека тоа нивно присуство во земјата „ниту влијаеше, ниту ќе влијае врз нашата решеност да го заштитиме нашиот национален идентитет“. „Ако не ни исплашија многу побогатите и многу помоќните грчки компании, верувајте, не стравуваме ни од бугарските фирми“, порача Црвенковски од Софија, повикувајќи ги бугарските бизнисмени да инвестираат во Македонија. И додаде „бизнисот е една работа, а решеноста да се зачува националниот идентитет, култура и историја е сосема друга работа“.
Георги Прванов одбил да ја коментитра изјавата на Борисов, додека Сергеј Станишев се извинил за кажаното од Борисов и го уверил Црвенковски дека зборовите на Борисов не претставуваат став на владата. Поставено било и прашање од Црвенковски за регистрацијата на партијата ОМО „Илинден“ - ПИРИН, а така исто и за антимакедонските изјави на бугарските европратеници. Прванов за регистрацијата на ОМО „Илинден“ - ПИРИН ги повторил своите стари ставови, дека тоа е одлука на судот. Во одговор македонскиот претседател објаснил дека „Едно од основните, природни, легитимни, неотуѓиви права е правото да се изрази сопствената национална припадност и второто неприкосновено право е правото да можат слободно да се здружуваат во здруженија и политички партии заради остварување свои одредени интереси“, изразувајќи очекување во наредниот период со најпозитивна волја да се испочитуваат до крај одредени пресуди и одлуки на Европскиот суд за човекови права во Стразбур. Во контекст на различните ставови по одредени историски прашања Црвенковски одговорил дека „клучна политика на една разумна државна власт е да успее и покрај постоењето на некакви историски разлики да обезбеди ефикасна меѓусебна соработка меѓу две земји“. Се дискутирало и за поддршката од страна на Бугарија на интеграцијата на Македонија во НАТО и ЕУ и поддршката за укинување на визите. Се разговарало и за „Белене“, а исто така и за коридор 8, за кој и двајцата претседатели изразиле незадоволство од неговата бавна реализација.

НAСПРОТИ овие важни државни разговори кои несомнено се од витално значење и за двете соседни земји, под плаштот на секојдневната пропаганда што Бугарија ја води во своите национални и други медиуми и изјавите на некои политичари кои безобѕирно повторуваат дека земјата и населението во Македонија се бугарски, политичката напрегнатост меѓу двете земји, за жал, останува. Единствената надеж е во позитивните европски процеси и вклучувањето на Македонија во НАТО и Европската унија.