Infinite Menus, Copyright 2006, OpenCube Inc. All Rights Reserved.
130 години од Македонското (Кресненско) востание
ВОЕНИОТ АСПЕКТ НА МАКЕДОНСКОТО ВОСТАНИЕ
(Преземено од ”Нова Македонија”)


Правдата во рацете на силата Преку Разловечкото, Пијанечкото, Кумановското, Кривопаланечкото востание и учествувајќи со бројни доброволни чети во српско-турската и руско-турската војна, Македонскиот народ имал силни придонеси во разрешувањето на Источната криза. Меѓутоа, големите сили, особено Русија, без какви било чувства за македонската национална самобитност, со прелиминарниот Санстефански договор ја вклучиле речииси цела Македонија во рамките на Голема Бугарија. Три месеци подоцна, пак без грижа за македонскиот народ, големите сили со одлуките на Берлинскиот конгрес повторно ја вратија Македонија во составот на Османлиската империја. Таквата одлука кај македонскиот народ предизвикала разочарување и губење на довербата во праведноста на конгресот, во искреноста на политиката на големите сили и во односот на соседите кон македонското прашање.
Предлогот, согласно членовите 23 и 62, на Македонија да й се даде политичка и верска автономија во рамките на Османлиската империја бил дочекан како обична фраза, бидејќи таквите решенија никого не обврзувале, ниту, пак, биле предвидени санкции за нивното неизвршување. Веднаш потоа македонските дејци упатувале бројни протести и приговори на одлуките на Берлинскиот конгрес. Со одлуките на Берлинскиот конгрес биле дефинирани границите на Османлиската империја, во чии рамки и била дадена можност да си ја средува внатрешната состојба како може и умее. Веднаш потоа во Македонија се довлекувале воените сили од Босна, од Србија и од Бугарија, а се испраќале и нови од Турција. Од централна област на европска Турција, Македонија сега станала нејзина погранична територија. Тоа претпоставувало ангажирање на бројни воени сили, заострување на владејачкиот систем, даночната политика, казнените мерки, и сето тоа значело влошување на животот на македонскиот народ.
Во тоа време, единствен поволен услов било присуството на српските и руските воени сили на северната граница на Македонија и во новосоздаденото Кнежевство Бугарија, како и создадената Руска зона на македонската територија во Горноџумајската околија. Донекаде поволен услов претставувале и членовите 23 и 62 од Берлинскиот конгрес, со кои Турција требало во Македонија да спроведе политичка, школска и верска реформа каква што била предвидена за Крит. Близината на руската војска го зголемувала борбениот морал кај организаторите и востаниците, а во членовите 23 и 62 се изнаоѓала меѓународно-правната можност за организирање и кревање на востание. Покрај наведениве тешкотии, состојбата во Македонија ја влошувало и доселувањето на турските и на муслиманските бегалци-маџари, кои по стеснувањето на турската империја по Берлинскиот конгрес, се доселиле во Македонија.

Подалеку од золумите

Според француските извори, Македонија станала прибежиште како на еден дел од отпадниците на отоманската армија, така и на муслиманите кои пребегнале од Бугарија, од Босна, од Херцеговина и од други области. Околу 60 000 семејства се наоѓале во градовите и селата и биле вселени во домовите на христијаните. Турците-бегалци раздвижени по целата територија на Македонија, главно ги формирале башибозучките одреди. Поради нивните злосторства, повеќе од двесте христијански села се иселиле во Србија и во Бугарија. Покрај грабежите од турските бегалци, македонскиот народ плаќал и бројни даноци на турската власт, а особено тешки намети му причинувале реквизициите на турската армија, која по Берлинскиот конгрс се зголемила на 80 баталјони. Делови од оваа армија оделе насекаде низ Македонија и се издржувале на сметка на местата што ги посетувале. Покрај овие, пустошењето во Македонија особено го зголемувале Албанците, кои од отоманската влада добиле пушки мартинки и големо количество муниција, па претставувале значајна сила. Пред нив се чувствувале немоќни и отоманските власти, а свое владеење вовеле дури и во Скопје, со што, всушност, биле единствени господари во земјата. Поради таквата состојба, францускиот конзул во Софија предлагал Македонија да ја окупира некоја од неутралните сили со цел да се спаси христијанското население.
Големите долгови што Турција им ги плаќала на големите сили го соголиле македонскиот народ до коска. Селанството ги поднело главните натурални и парични давачки. Македонските селани и плаќале над 30 видови даноци, со што се претвориле во работници само за опстанок, во обично човечко суштество. Нивната животна и имотна несигурност, како и семејната чест, заедно со социјалната, била токму загрозена што живите им завидувале на мртвите. Во такви животни услови, започнало самовооружувањето и самоорганизирањето на македонскиот народ за самоослободување од османлиското владеење. Недостигот на единствена револуционерна политичка организација значително го отежнувало организирањето и раководењето на вооруженото востание, што било причина да се појават надворешни сили, кои имале за цел да го искористат македонското востание за сопствени цели.
 
Подготовките за Македонското (Кресненско) востание

Подготовките за востание во Македонија започнале веднаш по завршувањето на Руско-турската војна и по заклучувањето на прелиминарниот Санстефански договор. Македонскиот народ, особено истакнатите македонски дејци, ослободувањето на Македонија не го гледале во нејзиното присоединување кон Бугарија, па се спротивставиле на одредбите на Санстефанскиот договор. Разочарувањето било големо и во однос на руските преговарачи, кои Македонија му ја доделиле на идното бугарско кнежевство, а не одредиле руски трупи да ја окупираат и на тој начин да ја штитат од Турците, чиј карактер во основа бил воинствен и не дозволувале да им биде одземено она што го освоиле со меч. За Турците било неразбирливо преку еден писмен договор да им се одземе земја со која управуваат.
Македонскиот народ веќе ги загубил надежите за ослободување од надвор, бидејќи големите сили во 1870 година наместо обновувањето на Охридската архиепископија го ставиле под јуриздикција на Бугарската егзархија; на цариградската конференција во 1876 го поделиле меѓу Бугарија и Турција, со одредбите на прелиминарниот Санстефански договор во 1878 година речиси целосно бил ставен во рамките на бугарската држава. По донесувањето на решенијата на Берлинскиот конгрес, Македонија повторно била вратена под турска управа. Поради тоа, незадоволството на македонскиот народ максимално се зголемило, бидејќи не можел да верува дека Европа одбила да го прифати ослободувањето на Македонија. Згора на тоа, во Македонија се повлекле остатоците на османлиската војска од новосоздадените независни земји, најголемите антихристијански муслимани, бројни муслимански бегалци, па се зголемил башибозлукот, поради што таа станала центар на безредија. Во таквата општа состојба, кај македонскиот народ нараснал патриотизмот, се воздигнал борбениот дух и започнало самоорганизирањето и самовооружувањето за сопственото ослободување. По загубата на довербата во Русија и во Европа, идејата била дека македонскиот народ за својата слобода мора самиот да се избори со своите внатрешни сили и средства. Меѓутоа, се појавиле и надворешни сили, кои исто биле незадоволни и со одлуките на Берлинскиот конгрес, но кои имале за цел повторно да ја формираат Санстефанска Бугарија за да ги остварат руските интереси. Надворешните сили биле поттикнувани, организирани и раководени од словенските комитети во Петроград и во Москва и од бугарските благотворителни комитети Единство. Меѓутоа овие сили имало и Македонци кои бле школувани во Русија и во Бугарија и кои ја прифаќале руската односно бугарската големодржавна идеја.
Исто така, по одржувањето на Берлинскиот конгрес, бројни биле бегалците кои од Македонија заминувале во ослободеното Кнежевство Бугарија. Особено се иселувала интелигенцијата, која дотогаш била во служба на Бугарската егзархија во Македонија. Меѓу таквите биле митрополитите Натанаил Охридски, Кирил, Панарет, потоа Јосиф Ковачев, П. Урумов, Д. Карамфилович, Васил Дијамандиев и други кои, како приврзаници на егзархијата, барале ревизија на Берлинскиот договор и се вклучиле во бугарските благотворителни комитети Единство. Иако со спротивни цели, надворешните и внатрешните сили подготовките за востание во Македонија ги спроведувале истовремено. Надворешните сметале дека со заеднички сили Македонија треба да се ослободи од Турците, а потоа лесно да ги покорат македонските внатрешни сили, а на тој начин Македонија да ја присоединат кон Бугарија.
 
 Подгoтовките на внатрешните сили

Откако се увериле во егоистичките интереси на големите сили, македонските дејци се свртиле кон македонските кругови, кон самоорганизирањето и ги започнале подготовките за ослободување и осамостојување со сопствени сили. Без оглед на тоа што ја загубиле довербата во Русија, особено по вклучувањето на Македонија во Санстефанска Бугарија, сепак поради близината на руската војска, надежите биле свртени кон Русија. Присуството на руската војска во Ќустендил и Горна Џумаја (денес Благоевград), како и раздвиженоста на македонските востанички и ајдутски чети, особено акциите на четите во Пијанец, разоружувањето на муслиманското население и воспоставувањето на народната власт како и авторитетот на Иљо Малешевски и Димитар Поп Георгиев Беровски, претставувале силен мотив и во другите краеви на Македонија да се појават нови војводи и чети и да се агитира за востание и ослободување на Македонија. Покрај доброволните чети, кои по руско-турската војна се обединиле и под команда на Иљо Малешевски дејствувале во Малешевско, Паланечко и Радовишко и четата на Димитар Поп Георгиев Беровски, која дејствувала во Разловечко и Каршијакот, се појавиле и четите на Стојан Карастоилов, Тодор Палескарија, Стојо Торолинко, Кочо Љутата, Стојко од Цапарево и други.

Спроти востаничките дни

Со анулирањето на прелиминарниот Санстефански договор и по донесувањето на Берлинските решенија, словенските комитети од Петроград и од Москва, согласно на големоруската политика, преземале многубројни активности за да го поттикнат на востание македонскиот народ, а потем Македонија да ја присоединат кон Бугарија.
Во август 1878 година започнало организирањето за масовно востание, кое имало ослободителни и државнотворни цели. Започнало договарањето на одредени акции. На 6 септември 1878 година, Димитар Поп Георгиев Беровски ги известил своите другари војводи дека се состанал со рускиот губернатор во Софија, дека зборувал за преземеното дело и дека тргнал на друг состанок во Рилскиот манастир. На состанокот од 8 септември во 1878 година одржан во Рилскиот манастир помеѓу поранешниот охридски митрополит Натанаил од селото Кучевиште и тогашните руски управници на Ќустендил и на Дупница, Овсјанин и Шевченко, покрај присуството на Иљо Малешевски, се спомнува и Димитар Поп Георгиев Беровски. На тој состанок се анализирала постоечката воено-политичка состојба во Македонија и се зборувало за подготовките на едно општо македонско востание. На 10 септември истата година, Беровски добил полномошно од видните граѓани на Горна Џумаја да организира месни стражи покрај границата, за да ги чуваат пограничните села од честите турски напади. За таа задача му била определена награда од 2000 гроша месечно и бил поставен за главатар на народната стража покрај границата. Покрај оваа должност, Беровски, митрополитот Натанаил и Иљо Малешевски ги вршеле агитационо-организациските подготовки. Се состанувале со други војводи, истакнати ајдути и други видни луѓе и агитирале народот да се подготвува за вооружено востание.
Организаторите на востанието - Беровски, Малешевски и Натанаил - одредиле група пратеници која однела писмо до окружниот началник на Ќустендил, Овсјанин, во кое, покрај другото, од раководителот на Привремената руска влада во Бугарија, Дондуков - Корсаков, барале оружје за околу 900 луѓе, кои имале свое раководство и чекале соодветен момент. Незадоволството од Санстефанскиот, а потоа и од Берлинскиот договор, предизвикало востаничко расположение и во областа меѓу Битола, Охрид и Преспа. Во текот на јули, на планината Бигла дејствувала четата на Васил војвода од Ресен, чија бројна состојба изнесувала околу 500 души. Во реонот на Велешко и Штипско, покрај четата на Иљо војвода, дејствувала и четата на Костадин Буфски. Во Охридско, со организирањето на четите се зафатил Стојан Везенков. Во Костурско, Кожанско и Леринско дејствувале четите на Стефо Николов, Митре војвода и други, кои очекувале дека со разрешувањето на Источната криза ќе се реши и македонското прашање. Незадоволството од одлуките на Санстефанскиот и Берлинскиот договор во Македонија во летото 1878 година ја вжештило атмосферата, а востаничката состојба ја зафатила целата македонска територија.

ПОДГОТОВКИТЕ НА НАДВОРЕШНИТЕ СИЛИ

Со анулирањето на прелиминарниот Санстефански договор и по донесувањето на берлинските решенија, словенските комитети од Петроград и Москва, согласно големоруската политика, преземале бројни активности за да г поттикнат на востание македонскиот народ, а потоа Македонија да ја присоединат кон Бугарија и на тој начин да ги остварат руските цели програмирани со Санстефанскиот прелиминарен договор.

Поради тие причини, веднаш по објавувањето на одлуките на Берлинскиот договор, печатот, приврзан кон панславизмот, започнал да ги објавува изјавите дека неговото величество царот повеќе нема да остане глув на преколнувањата од многу несреќните Македонци и дека руската војска ќе ја окупира Македонија. Со цел да се потврдат ветувањата од рускиот печат, до повеќе видни Македонци биле испратени писма од рускиот Главен штаб. Во нив се предвидувал денот на триумфалното влегување на Русите во Македонија и именување на идниот гувернер. Заземањето на Македонија било проектирано и реализацијата на планот требала да отпочне со бугарските востаници кои ги држат планините, и со Козаците кои ќе ги преплават полињата на Македонија.

Планот за востание во Македонија била една вешта махинација скована набрзина и веднаш по руската окупација во Бугарија, а уште повеќе откако големата Бугарија од договорот во Санстефано била сведена на половина со договорот во Берлин и, покрај другото, оддалечена од средоземноморското крајбрежје. Оваа конспирација е дело на пансловенските комитети во Петроград и во Москва, потпомогнати од комитетите Единство, формирани во Бугарија, кои биле насочувани, охрабрувани и помагани од руските власти, вклучувајќи го тука пред се кнезот Дондуков - Корсаков. Тој имал за цел со помош на востание во Македонија повторно да ја создаде голема Бугарија и како кнез да владее со неа. Според руските планови, водечкиот комитет во Бугарија, односно во Софија, кој бил управуван директно од Русија, имал на располагање два поткомитета: во Ќустендил и во Дупница. Првиот имал задача да поттикнува на востание кон запад, кон Крива Паланка, Куманово и Скопје, вториот комитет имал задача да ги поттикне четите кои би дејствувале паралелно по долините на реките Струма и Места и да се спуштат до Орфанскиот Залив и до Егејско Море. На тој начин во руските планови било содржано да го кренат на востание бугарското и грчкото население во Македонија, во Тракија и во Источна Румелија, да го уништат или прогонат муслиманското население и да ги присоединат овие востанати земји кон Бугарија за најпосле да создадат една голема независна земја под заштита, патронат дури и под власт на Русија, која, преку кнезот Дондуков - Корсаков, би владеела со така создадената Бугарија. Поради тие причини, руските комитети испраќале пари, оружје и муниција. Покрај тоа што имале задача да вршат обука со востаниците, руските офицери биле одредени и да раководат со востанието.

Спроведувајќи ја големодржавната руска политика, словенските комитети ги поттикнале големобугарските сили да создаваат комитети кои во името на панславизмот ќе го помагаат и поддржуваат македонското население во борбата за ослободување од Турците и за присоединување кон Бугарија. Со такви цели, Стефан Стамболов и Љубен Каравелов со група големобугарски дејци на 29 август 1878 година во Трново го формирале првиот комитет Единство и го нарекле благотворителен. Потоа такви комитети биле формирани во Софија, Ќустендил, Дупница, Горна Џумаја и во други градови во Бугарија и во странство. Основна задача на овие комитети била да го создаваат единството на сите Бугари. Софискиот комитет Единство, кој бил под директно влијание на привремената руска влада во Бугарија, односно под команда на кнезот Дондуков - Корсаков, за кусо време станал раководен центар на сите благотворителни комитети Единство.

На 3 октомври 1878 година, во Горна Џумаја е формиран комитет Единство, во чиј состав влегле и Македонците Арсение Констанцев и Георги Чолаков. Претседател на овој комитет бил К. Босилков, а секретар Иван Козарев. Овој комитет имал значајно влијание и го снабдувал востанието со оружје, лекови и со други средства. Присуството на Македонците во овој комитет и близината на македонските чети влијаеле врз тоа раководството на овој комитет да има многу пореален став кон македонското востание отколку другите комитети Единство кои ја застапувале исклучително големобугарската кауза.

ПЛАНОВИТЕ ЗА КРЕСНЕНСКОТО ВОСТАНИЕ

Македонскиот востанички комитет не располагал со некој посебен план за изведување на акциите и ангажирање на силите, бидејќи изведувањето на акциите зависело од противничките дејства, а вооружените сили се формирале во текот на борбените дејства. Меѓутоа, со внимателна анализа на Правилникот (Уставот) на македонскиот востанички комитет, се воочува дека планот на внатрешните сили бил да го отфрлат турскиот јарем. Востанието требало да започне таму каде што имало најдобри услови за успех, каде што постојат помали чети, каде што народот имал искуство и доверба во македонскиот востанички комитет и каде што востаничкото раководство имало најголема доверба кај народот. Најдобри предвостанички услови постоеле во малешевско-кресненскиот крај, каде што, не така одамна, било кренато Разловечкото востание. При изборот на објектот на првиот напад, главниот вовода Стојан Карастоилов нагласил дека првите дејствија треба да започнат по долината на реката Струма, бидејќи го познава тој реон. Востаничкиот комитет го прифатил тој предлог и го проширил со мислењето дека по објавувањето на востанието и ослободувањето на околните места, треба да се воспостави и зацврсти народната власт во ослободените села, да се создадат услови за доаѓање на нови борци и за издржување на македонската востаничка војска, а потоа востанието да се шири паралелно по долините на реките Струма и Места кон Орфанскиот Залив и Егејското Море. По ослободувањето на тој простор, востанието би се проширило кон долината на Вардар. Овој простор имал стратешко значење поради главните патишта кои од Турција преку Серез воделе кон Скопје и понатаму на север.

Востанието би започнало како локално, а потоа би се проширило низ цела Македонија. Во него би учествувале луѓе од самата Македонија кои се чувствуваат Македонци и кои ја сакаат слободата на својата татковина. Во востанието можеле да учествуваат и сите македонски жители без оглед на верата и народноста. Сите кои им сакаат добро на Македонците можеле да учествуваат во востанието, доколку се покоруваат на македонскиот востанички комитет и искрено се залагаат за ослободување на Македонија. На благотворителните комитети надвор од Македонија им се дозволувало да го помагаат востанието, а главен предмет и грижа да им биде: собирање на парична помош, оружје и муниција, облека од секаков вид, храна и други потреби и да ги испраќаат во однапред определени места. Значи, само тие што ќе ги почитуваат одлуките на македонскиот востанички комитет можеле да бидат припадници на македонската востаничка војска, бидејќи нивна цел, односно целта на македонското востание, била ослободувањето на Македонија - земјата на славните словенски просветители св. Кирил и Методиј.
 
Руски план за големо бугарско кралство

Со овој план се предвидувало: да се собере и да се изврши обука на што е можно поголема сила пред да настапат лошите временски денови. Кон востаниците да бидат придодадени руски војници во сооднос од тројца Руси на двајца Бугари

Планот на надворешните сили потекнувал од руските словенски комитети, а го спроведувале бугарските благотворителни комитети Единство и руските офицери, чии единици привремено се наоѓале во Бугарија. Аргументите на руските комитети се состоеле во тоа што Русија направила со востанието во Босна и со тешкотиите во Авганистан да им бидат врзани рацете на Австрија и Англија, така што сега царот може да вети дека, ако на Бугарите им успее ослободувањето на Македонија од Турците, тој ќе создаде едно моќно бугарско кралство, во кое ќе бидат опфатени сите Бугари од Турција.

Согласно таквите цели со планот се предвидувало: да се собере и изврши обука на што е можно поголема сила пред да настапат лошите временски денови. Кон востаниците да бидат придодадени руски војници во сооднос од тројца Руси на двајца Бугари. Руски сили од 25 000 пешадија, 5.000 коњаници и 2 артилериски батерии требало да бидат стационирани по должината на границата на Македонија како морална поткрепа, а можеби во извесни услови и како материјална потпора на востаниците. Дури е речено дека овие трупи ќе ги окупираат и држат оние територии што ќе можат востаниците да ги ослободат, и на тој начин да им овозможат да напредуваат без страв од напади во нивната заднина.

Според планот на овие комитети, односно на надворешните сили, во почетокот на октомври 1878 година, во Ќустендил биле собрани 7.080 доброволци Бугари и Грци, од кои 2.500 се демобилизирани војници, од руско-турската војна 1.750 македонски Грци и Куцовласи, остатокот биле Бугари (ајдути, авантуристи и селани) од сите краеви на европска Турција. Словенските комитети планирале оваа сила да ја стават под команда на мајорот Калмиков, Русин авантурист, кој служел во српската војска, па ја напуштил за да се приклучи кон бугарското движење. Под негова команда биле полковникот Часки, Русин, испратен од словенскиот комитет во Москва, потоа Илиевиќ и Јовановиќ - Црногорци, и Васил војвода.

Словенските комитети планирале на овие сили да им се приклучат Георги војвода (Г. Пулевски) и Илија од Малеш (дедо Иљо), 3.000 борци од Пијанечката каза. Покрај наведениве, од реонот на Видин под водство на митрополитот Антим пристигнале 600 доброволци. Митрополитот од Охрид (Натанаил) и владиката од Штип исто така опашале сајби, а се пријавувале и други доброволци. Словенските комитети очекувале до 22 октомври 1878 година да располагаат со сили од 12.000 лица. Кон овие биле додадени 18.000 Руси (според соодносот тројца Руси на двајца Бугари), со што бројот на силите во почетокот на зимската сезона ќе изнесувал 30.000 лица.

Со тие сили, словенските комитети планирале да ја окупираат Македонија и да ја присоединат кон Бугарија. За раководен комитет на востаничките сили словенските комитети го одредиле софискиот комитет Единство а Ќустендилскиот и Џумајскиот да го предводат востанието во соодветните области. Ќустендилскиот комитет требало да дејствува на запад и да ги завладее областите каде што минува патот на правецот Скопје-Куманово - Крива Паланка. Џумајскиот комитет требало да дејствува на југ на правецот Џумаја, Неврокоп, Мелник, Серез, до Кавала. Стратегискиот план на овие комитети во врска со вооружените дејства во Македонското (Кресненско) востание предвидувал борбените дејства да имаат повремен карактер, да се водат во близината на бугарската граница и на различни простори низ цела Македонија. Додека комитетите на надворешните сили (словенските и добротворителните) планирале да предизвикуваат судири и меѓусебни масакри со цел да и докажат на Европа дека е невозможно во Македонија заедно да живеат христијани и муслимани, па поради тоа христијаните да ги присоединат кон Бугарија, внатрешните сили имале за цел ослободување на Македонија и создавање на самостојна и независна држава. Меѓутоа, словенските комитети не успеале да создадат такви вооружени сили како што предвидувале во своите планови.

ПОЧЕТОКОТ И РАЗВОЈОТ НА ВОСТАНИЕТО

Раководството на внатрешните македонски сили на состанокот во Рилскиот манастир во летото 1878 година донело решение за кревање востание во Македонија. Врз основа на тоа решение, македонското востаничко раководство во есента 1878 година донело одлука да се повикаат сите вооружени ајдучки, востанички и доброволечки чети и поединци од цела Македонија и да се стават под раководство на Македонскиот востанички комитет. Присуството на руската војска на ослободената територија во Ќустендил и Горна Џумаја, како и српската во Врање, позитивно влијание врз моралот и одѕивот кај востаниците. На востаниците им било речено да се соберат во Горна Џумаја на територијата што ја ослободиле Русите. Всушност, таа област била одредена за оперативно-мобилизациски простор на востанието. Во исто време бил упатен повик до сите доброволци учесници во Српско-турската и Руско-турската војна за да земат учество во Македонското (Кресненско) востание.

Повикот на македонското востаничко раководство го прифатиле многубројни ајдутски, востанички и други вооружени групи и поединци и започнало собирањето во Џумајската околија. Покрај четата на Беровски, која служела како јадро за создавање на востаничките сили, овде пристигнале ајдутските чети на Дедо Иљо Малешевски, Стојан Карастоилов, Тодор Палискар, Коста Кукото, Кочо Љутата, Стојо Цапаревецот и др. Освен колективното пристапување, се пријавиле и голем број поединци. Кога веќе биле насобрани многубројни сили за главен раководител бил избран војводата Стојан Карастоилов. Кон крајот на септември и почетокот на октомври, во Горна Џумаја било одржано советување со војводите. По разгледувањето на резултатите од извршените подготовки, биле донесени неколку значајни одлуки за организацијата, раководењето и командувањето со востаничките сили.

МЕЃУ РАКОВОДИТЕЛИТЕ И АВАНТУРИСТИ

Паралелно со формирањето на внатрешните востанички сили, Трновскиот комитет Единство формирал чета од околу 100 души и под раководство на рускиот мајор Адам Калмиков ја испратил во Ќустендил. Софискиот комитет организирал друга чета од 300 ополченци на чело со Луј Војткевич, мајор од Полска, па нешто подоцна и тие биле испратени во Македонија. Со оглед на нивните словенофилски и големобугарски определби и военото искуство, тие двајца мајори биле предвидени од страна на комитетите Единство да го раководат, односно да го бугаризираат македонското востание. Меѓутоа, според односот кон задачите двајцата мајори се покажале како авантуристи. Одредите на двајцата мајори, Калмиков и Војткевич биле формирани од македонските доброволци кои во Руско-турската војна останале во Бугарија. Тие добиле задача од реонот на Ќустендил да се уфрлат на територијата на Македонија. Меѓутоа во областа на Крива Паланка биле разбиени од турската регуларна војска. Со остатокот на своите единици, мајорите заминале во областа на Горна Џумаја. Овде се соединеле со внатрешните востанички сили и било одржано советување за натамошните дејства. По завршувањето на советувањето во Горна Џумаја, четите заминале за селото Србиново, каде што го организирале военото раководство на востаничките сили. Биле формирани четири одделенија и над секое одделение бил поставен командир. На чело на првото одделение бил војводата Стојан Карастоилов, второто одделение било под команда на Коста Кукото, со третото раководел Стојо Торолинко, а со четвртото Крсто Аризонов од Свети Врач (денес Сандански). Главен војвода на сите одделенија бил Стојан Карастоилов. На 2 октомври, во Србиново пристигнал мајорот Калмиков, а веќе на 3 октомври, под влијание на Џумајскиот комитет Единство. Калмиков бил поставен за атаман, односно командант на македонските востанички сили. По формирањето на военото раководство се сметало дека подготовките за вооружено востание во Македонија биле завршени. Како објект за првиот напад бил одреден турскиот воен одред што се наоѓал во ановите на селото Кресна. Било планирано нападот да започне во утринските часови на 5 октомври 1878 година.

На 4 октомври 1878 година, востаничките сили поделени во четири одреда, секој од по околу 100 борци на чело со војводите Стојан Карастоилов, Коста Кукото, Стојо Торолинко и Крсто Аризонов, во најголема тајност во вечерните часови пристигнале близу Кресна и овде на теренот организирале советување, односно тоа било непосредна подготовка за реализација на планот за напад. Откако ги проанализирале податоците и распоредот на турските сили, биле изнесени два предлога за нападот. Стојан војводата предлагал ановите да се опколат и во раните зори да се изврши нападот. Калмиков предлагал нападот да биде фронтален и ненадеен и со борба човек на човек да се совладаат Турците. Бил прифатен планот на Калмиков. Во меѓувреме, состојбата се изменила Турција, веројатно преко кодошите, дознале за распоредот на востаниците, па и тие излегле на положаите околу касарните. Во таквата состојба почнал да се спроведува планот на Стојан војводата. Вечерта востаниците со помош на водачите од месното население и, пред се, предводени од Стојан војвода, кој одлично го познавал овој реон, се приближиле до турските положаи. По распоредувањето на востаниците, и им била поделена муницијата и пушките на новопристигнатите борци и биле издадени последните задачи за почетокот на бојот.

ПРВАТА ФАЗА НА МАКЕДОНСКОТО (КРЕСНЕНСКО) ВОСТАНИЕ

Првата фаза на Македонското (Кресненско) востание започнала со првата борба. Во моментот кога востаниците дошле сосема близу до турските положаи, започнала вооружената борба. Турците испукале три куршуми, а Стојан им извикнал на востаниците да залегнат наместо и лазејќи да се распоредат. Се слушнал плотун од турските ровови, но никого не погодил. Потоа бил отворен оган од двете страни. Кога започнала борбата, во помош на востаниците пристигнале неколку стотини селани од Кресна, Влахи, Ошчава и други кресненски села. Стојан војводата директно раководел со борбата. Успеал да ги обиколи Турците и да им го прекине снабдувањето со храна, вода и муниција.

Овековечен успех

Капитулацијата на турската војска пред македонските востаници била глетка која што македонскиот народ со векови ја очекувал. Турските офицери и војници ги оставиле оружјето и воената опрема на куп. При крајот на воените дејствија пристигнал и Калмиков. Турските офицери побарале заробената турска војска да ја предадат на руските сили во Бугарија

Востаничкиот обрач се повеќе се стеснувал и, кога дошле на 50 чекори од турските ровови, Стојан војвода, откако ги презел дополнителните мерки против евентуално бегство, им предложил на Турците да се предадат. Мислејќи дека се работи за некоја арамиска чета која сака да ги масакрира, тие занемеле од страв. Меѓутоа, турскиот командант јузбашија (капетан) кога видел дека се работи за организирана и добро раководена востаничка војска, наредил турските сили да излезат од рововите и да се предадат. Капитулацијата на турската војска пред македонските востаници била глетка која македонскиот народ со векови ја очекувал. Турските офицери и војници ги оставиле оружјето и воената опрема на куп. Пред крајот на борбените дејства, пристигнал и Калмиков. Од него турските офицери побарале заробената турска војска да им ја предадат на руските сили во Бугарија. Плашејќи се од казни, не сакале да бидат испратени во Турција.

Во тоа време во Кресна се наоѓале два буљука (баталјона) турска регуларна војска. Борбата меѓу востаниците и турската војска траела 18 часа. Загубите кај македонските востаници изнесувале еден убиен и тројца ранети. Турската војска имала девет убиени, 11 ранети, а биле заробени 119 војници и два офицера. Освен тоа, биле запленети над 100 пушки, 13 товари муниција и 13 коњи. Во битката кај Кресна особено се истакнал Стојан војводата, кој, покрај извонредната борбеност, храброст и јунаштво, се покажал и како голем познавач на воената вештина и бил душа и глава на востаничките сили. Востаничкото раководство одлучило заробената турска војска да ја испрати во Горна Џумаја и судбината да им ја реши Џумајскиот комитет Единство, кој, пак, ги упатил до Софискиот комитет. На 8 октомври 1878 година, егзархискиот митрополит Мелетиј испратил писмо до Џумајскиот комитет Единство во кое строго се напоменува дека судбината на заробените Турци треба да ја реши водачот на востанието, а не вашиот комитет. Со тоа Мелетиј недвосмислено докажува дека востаниците се самостојна македонска вооружена сила и дека немаат никаква врска со бугарските благотворителни комитети. Со тој проблем била запозната и руската управа, односно лично Дондуков-Корсаков. На крајот турските заробеници биле ставени во надлежност на востаниците, чие раководство, покрај сите други проблеми, морало да се грижи за турските заробеници па и да ги издржува. Непосредно пред борбата во Кресна, дошло до несогласување меѓу првиот војвода на востаничките сили, војводата Стојан Карастоилов и командантот на востанието, мајорот Адам Калмиков. Во прашање биле разликите на планот за напад. Се покажало дека Стојан војводата бил во право, поради што му пораснал авторитетот кај востаниците. Калмиков тоа не му го простил до крајот на животот. Димитар Поп Георгиев Беровски, кој учествувал во таа битка, командата му ја препуштил на војводата Стојан, а самиот се занимавал со штабните должности, односно со организирањето и снабдувањето на востанието. На 6 октомври, испратил писмо до благотворителните комитети во Џумаја, Софија, Дупница, Ќустендил и на други места, во кое јасно нагласува: Ние македонските востаници го следиме своето дело, а потоа ги известува за резултатите на борбата и дека борбата се продолжува кон селата Мелнички. Во истото писмо било предложено во селото Србиново да се формира посреднички пункт меѓу востаниците и комитетите, во кои ќе се собира оружје и опрема, да се формира логор за заробените Турци и болница за ранетите востаници. Разочарани од македонската определба на Беровски, комитетите не го прифатиле овој предлог.

ПОБЕДА ПО ПОБЕДА

По заземањето на гарнизонот во Кресна, востаниците ја искористиле збунетоста кај турските сили, па брзо напредувале во освојувањето на други села. Истиот ден било ослоодено селото Оштава, а по жестоката битка на 7 октомври го зазеле и селото Влахи. Борбата кај селото Влахи се водела меѓу востаниците и два буљука (баталјона) редовна турска војска, вкупно околу 500 аскери, покрај нив и башибозучки формации. Тие биле испратени од Мелничкиот гарнизон да го задушат востанието. Во селото Влахи турските сили запалиле 20 куќи. Меѓутоа, востаничкото раководство ги засилило своите чети со уште 150 борци и успеале да ги разбијат турските сили. Четири турски аскери и командантот биле убиени, голем број биле ранети и заробени а по 13-часовна борба селото Влахи било ослободено. На 8 октомври било ослободено и Ново Село, а потоа востаниците се префрлиле на десниот брег на реката Струма.

Борбата кај Влахи била втората голема победа на востаниците, која го подигнала борбениот морал и ја зголемила бројната состојба на востаниците. По тие успеси, започнало организирањето на востаничките сили според воените правила и принципи, односно создавањето на македонската востаничка војска. Биле формирани Штаб на востанието како највисоко раководно тело, и команда на востаничките сили. Самите борци се нарекувале востаници. За атаман на македонските востаници бил наименуван мајорот Адам Калмиков, за прв војвода бил прогласен Стојан Карастоилов, за втор, трет и четврт војвода биле поставени Коста Кукето, Стојо Торолинко и Крсто Аризанов. Како највисоко раководно тело бил формиран и штаб, наречен Штаб на востаниците македонски. За началник на штабот бил поставен Димитар Поп Георгиев Беровски, за помошник, благајник и логистичар бил поставен Г. Михајлов. Штабот бил сместен во с. Влахи во куќата на Насо Хаџигеоргиев.

На 7 октомври, во месноста Крива Ливада, военото раководство одржало советување за натамошните тактички дејства. Одлучено било четата на Тодор Поласкарја да го брани правецот откај селото Разловци, а длабоко во Каршијакот да дејствуваат четите на војводите Златко, Георги Окото и Иван Атанасов (Инжето). Заради извршување на таа задача, Стојан војвода со 60 души се насочи кон селата на Каршијакот за да ги изгони Турците. Во селото Грнчар се развила борба, по што селото било запалено. На 9 октомври, востаниците воделе тешки борби со околу 1000 башибозуци собрани од селата Грнчар, Брезник и други, кои се собрале во селото Мораска. Особено е за почит херојството на 9-мина востаници, кои во текот на борбата успеале да се вовлечат во тилот на утврдените Турци, но не успеале да се повлечат со другите востаници, па биле заробени од Турците. Нивниот живот завршил со сечење на парчиња. По борбата во селото Мораска, востаниците ги ослободиле и селата Брезница, Будилци, Сливница и Брезник. Во селото Брезник востаниците заплениле големо количество храна и бакар, кој потоа бил искористен за востанички цели. По два дена откако ги обезбедиле селата во Каршијакот со месна стража, Стојан војводата со својата чета, преку селото Мечкул се вратил во с. Влахи. Во исто време, во селото Влахи под раководството на Димитар Поп Георгиев Беровски се вршеле командно-штабните и политичките работи. Се создавале органи на новата револуционерна власт, се воспоставувале врски со други региони, а од новопристигнатите востаници биле формирани нови чети. Од руската војска од Џумаја се барало оружје и муниција. Штабот преземал мерки во блиските села да се изврши масовна мобилизација. Началникот на Штабот, Беровски, лично се ангажирал да воведе цврста востаничка дисциплина со оглед на фактот дека во Разловечкото востание токму недисциплината била основна причина за неговиот неуспех. Планот на Беровски предвидувал на ослободените територии прво да се зацврсти народната македонска власт, а потоа востанието да се шири плански, да не се оди кон Ќустендил или Разлошко, туку востанието да се шири кон Берово, Разловци, односно во Малешевијата, каде што имал голем авторитет, каде што веќе постоеле и сили кои сакале да се приклучат кон востанието, а имало и поголеми извори на храна за да се преживее преку зимата.

АВАНТУРИСТИТЕ НА СЦЕНАТА

Во тоа време веќе била ослободена поголема територија: на север од демаркационата линија кај Џумаја на југ до Белица и Градешница, на југозапад целиот Каршијак, на југоисток до Превала. Освен тоа, во Малешевско се забележувале востанички појави, длабоко во тилот на Турците во демирхисарските села дејствувале неколку востанички чети. Во такви услови, штабот формирал полициско началство. Тоа имало задача да ги мобилизира способните за борба, да собираат данок од неспособните за војна, да ги собира дезертерите, да го чува редот и спокојството на населението. Раководството на полицијата се наоѓало во с. Кресна, а се состоело од 6 луѓе, по двајца од Кресна, Влахи и Оштава.

Воочувајќи дека го губи влијанието врз востаничкото раководство и дека востанието се повеќе се шири на југ кон Егејското Море, а не како што предлагал тој кон Ќустендил, софискиот комитет Единство формирал одред од околу 300 души на чело со мајорот Луј Војткевич и го упатил кон Кресна. На 20 октомври, тој пристигнал на ослободената територија во с. Брезница. Веднаш по неговото пристигнување настанале сериозни раздори во раководството на востанието. Поради ривалството меѓу двајцата мајори Калмиков и Војткевич, била извршена реорганизација на востаничкиот штаб. Биле формирани две главни одделенија, командант на првото бил Калмиков, а на второто Војткевич. Двајцата имале само командни должности, а Штабот си го задржал правото да се грижи за целосната организација, устројството, снабдувањето и раководењето со востанието. Македонските војводи, особено Д. Поп Георгиев, С. Карастоилов, дедо Иљо, Георги Пулевски секојдневно го следел раздорот меѓу двајцата мајори и нивното штетно делување врз востанието. Поради тоа, на 23 октомври 1878 година Штабот ги вратил двајцата мајори во Џумаја, односно во Бугарија. На предлог на останатите војводи за привремен командант бил поставен војводата Стојан Карастоилов, а Д. Беровски останал началник на Штабот.

Едно востание, две линии

Комитетот Единство барал востанието да се прошири кон Крива Паланка, додека Штабот настојувал да се зацврсти народната власт во ослободените села, а потоа востанието постепено да се шири кон внатрешноста на Македонија. Поради таквите обиди на пробугарските комитети, началникот на Штабот Д. Поп Георгиев се побунил

По пристигнувањето на двајцата мајори-авантуристи во Џумаја, го запознале џумајскиот комитет Единство со настаните во раководството на востанието, за што го обвиниле Д. Беровски. Комитетот веднаш го повикал Беровски во Џумаја. Меѓутоа, останатите војводи не му дозволиле на Беровски заминување се додека во Џумаја се наоѓале мајорите Калмикон и Војткевич. Обидот на комитетот да доминира во раководењето на востанието предизвикало многубројни противречности меѓу раководството на востанието и комитетот. Раководната улога комитетот ја условувал со испраќање помош, особено оружје и муниција и со промена на стратегијата на востанието. Имено, комитетот барал востанието да се прошири кон Крива Паланка, додека Штабот настојувал да се зацврсти народната власт во ослободените села, а потоа востанието постапно да се шири кон внатрешноста на Македонија. Поради таквите обиди на пробугарските комитети, началникот на Штабот на македонското востание Димитар Поп Георгиев Беровски на 25 октомври 1878 година испратил писмо до Џумајскиот комитет потпишано од сите војводи, во кое пишува: Вашата должност е, мислам, да ни помогнете со средства, а што се однесува до воената страна, Вие треба да сте само набљудувачи. На 26 октомври, Д. Беровски и војводите го испратиле Александар Филипов во Софискиот комитет (кој бил централен) со исто писмо и со задача усно да го објасни таквиот став на раководството на Македонското востание.

РАСЧЕКОР МЕЃУ ВОЈВОДИТЕ

Во меѓувреме, во Кресна пристигнале четите на Коста Буфски, Григор Огненов, Калчо, Стефо и други, со околу 350 души кои дотогаша дејствувале во Западна Македонија. На 28 октомври, востаниците засилени со новите чети воделе жестока битка со турската регуларна војска и башибозукот во реонот на селата Градешница, Белица и Плоски. Меѓутоа, под влијание Џумајскиот комитет и по одлука на митрополитот Натанаил Кучевишки, согласно планот на комитетите, четата на Орчо била испратена во реонот на Ќустендил, а Б. Маринов не се согласувал со Штабот, па со четата заминал за Разлошко, каде што го организирал Разлошкото востание. По јасно изнесените ставови за целите на Македонското (Кресненско) востание, многубројни доброволци, поранешни ополченци, пробугарски определени, побегнале од бојното поле. По тој повод и револтирани од арогантниот однос на бугарските комитети кон Штабот на македонското востание, Г. Николчов, помошникот на началникот на Штабот во името на Д. Беровски, испратил писмо до претседателот на Џумајскиот комитет, К. Босилков, во кое пишува: Началникот на Штабот на Македонското востание, Д. Беровски, ме задолжи да ви јавам дека вчерашната победа е наша, добиена со храброста на македонските ајдуци, а доброволците избегаа кој каде виде...Да живеат храбрите ајдуци со своите војводи!

По одбивањето на Д. Беровски да замине за Џумаја, мајорот Калмиков заминал за Софија и целата вина ја префрлил врз Беровски. Софискиот комитет, кој не се согласувал со доминацијата на внатрешните во Штабот и со политичката и воената стратегија на македонското востание, го повикал началникот на Штабот, Димитар Поп Георгиев Беровски, веднаш да се јави во Софија на објаснување. Меѓутоа, по одлука на војводите, Беровски не заминал ни во Софија, туку го испратил А. Филипов. Со одбивањето на македонското раководство да ги изврши наредбите на бугарските комитети, биле предизвикани многубројни остри реакции во Софија. Претседателот на софискиот комитет, митрополитот Мелетиј, испратил писмо до Џумајскиот комитет во кое се наредува: 1. да се уапси началникот на Штабот, Димитар Поп Георгиев Беровски, 2. да се овозможи комисијата во состав од Димитар Стателов, Пандо Урумов и Андреј Георгиев да го преземат управувањето со финансиите, администрацијата и уредувањето на народната власт. 3. комисијата е претставник на Централниот комитет, преку која тој ќе го води востанието. Потоа Софискиот комитет го испратил во Белград својот член К. Шулев да го доведе Миќо Љубобратиќ, водачот на Херцеговското востание од 1875 година и го замоли Штросмаер двајцата да делуваат врз Беровски за да ги прифати одлуките на Софискиот комитет. Љубобратиќ и Штросмаер тоа го одбиле.

ВНАТРЕШНИТЕ ПРОТИВ НАДВОРЕШНИТЕ

Во почетокот на ноември 1878 година, Софискиот комитет ја испратил комисијата придружена од мајорот Калмиков со многубројни доброволци, која преку Џумаја стигнала во с. Влахи. Димитар Беровски веднаш бил уапсен и затворен во Џумаја. Комисијата се претворила во врховно и законодавно тело над востанието. Калмиков бил поставен за командант на силите на Кресненското востание, а Луј Војткевич на Разлошкото. Војводата Стојан Карастоилов, по затворањето на Д. Беровски се потчинил на одлуките на Софискиот комитет и му ја предал команданта на А. Калмиков. Повеќето војводи, особено оние од западна Македонија предводени од Стефо и Коста Буфски, не го прифатиле враќањето на Калмиков и го напуштиле селото Влахи, заминувајќи преку реката Струма, а некои поднеле оставка. Со тоа на Калмиков му било овозможено да избере свои луѓе и да го преземе раководството на востанието. Меѓутоа, неговото славољубие повторно предизвикало раздор меѓу надворешните и внатрешните војводи Стојан војводата ги штител своите, односно внатрешните војводи. Подготвувајќи го заговорот, надворешните успеале преку измама да ги убијат најверните Стојанови луѓе, а на 25 ноември 1878 година, во текот на ноќта, во селото Оштава на најѕверски начин биле убиени војводата Стојан Карастоилов и неговите другари Георги Чолаков и Иван Трендов, а другите двајца биле тешко ранети.

Со убиството на војводата Стојан Карастоилов и неговите најблиски соработници и со затварањето на началникот на Штабот, Димитар Поп Георгиев Беровски, завршила првата фаза на Македонското (Кресненско) востание. Потоа Софискиот комитет Единство преку мајорот Калмиков во потполност го презел раководењето со востанието. Дошло до промена и во стратегијата на вооружената борба. Софискиот комитет наредувал да се водат ненадејни герилски дејства претежно во близината на бугарската граница кон Ќустендил и Разлошко, за да се предизвика интересот на Европа, односно востанието да биде протест против берлингскиот договор, а за враќање на Санстефанските решенија. Таа стратегија била спротивна на стратегијата на Димитар Беровски, кој настојувал вооружените дејства да бидат всушност регуларна војна, да се водат плански, да бидат раководени од еден центар, односно од Штабот на Македонското востание, а востанието да се шири постепено, т.е. паралелно со ширењето на ослободената територија, со што ќе се овозможи зацврстување на народната власт на ослободената територија, за да може народот да ги снабдува востаниците со храна и со нови борци. На тој начин би се создавала македонската војска која би била гарант на македонската државност. Токму тоа не го сакале бугарските комитети Единство и словенските комитети од Русија.

Димитар Беровски уште пред да биде уапсен остро се спротивставувал на ширењето на востанието кон Разлошко и на обидот на странците, односно надворешните сили да раководат со Македонското востание. По повторното враќање на Калмиков и Војткевич тој изјавил: Софискиот комитет со враќањето на странските офицери со народното свето дело комедија изигруваат. Тој отворено укажувал дека надворешните во раководството на востанието спроведуваат туќа политика. Меѓу туѓите офицери, покрај Калмиков и Војткевич се наоѓале Сретен Сретковиќ, Петко Павловиќ, Валтер Шулц, Мирослав Хубмаер и други доброволци, учесници во Руско-турската војна кои, желни за пари и слава, го продавале своето војничко знаење и наместо офицери револуцинери, станале обични авантуристи во служба на бугарските комитети.

ШТО МИСЛИ ОВЧАРОТ, НЕ МИСЛИ ВОЛКОТ

Односот на бугарските комитети кон македонското востание, особено по апсењето на Беровски и убиството на војводата Стојан, најсликовито го објаснува војводата Горгија Пулевски, кој во едно писмо до Деспот Баџовиќ, испратено на 8 јануари 1879 година, меѓу другото, пишува: На твојот брат Кузман му пишав да собере поголеми чети (во Србија) и да дојде тука... Тогаш верував дека сме тргнале да се биеме за Македонија и сите бевме готови да гинеме, или слобода или смрт, трето нема. Ама не било така. Едно мислел волкот - друго овчарот. Пред неколку дена, Владиката Натанаил ми даде едно твое писмо. Ти пишуваш, Деспоте, дека сакаш да дојдеш доброволец и ветуваш 1000-2000 доброволци. Тоа е убаво и преубаво. Ама јас ќе ти речам да не доаѓаш со луѓе ваму, оти овде има нешто лошо. Тука Бугарите се подигруваат со нас и ја вртат водата на својата воденица заедно со црнокапецот Натанаил којшто е Македонец, ама повеќе влече кон бугарско. Да ти кажам, еве, со чети чекаме толку време да тргнеме во Турско и да биеме за нашата слобода, ама не пуштаат. Го запалија огнот и сега сакаат повеќе тревога да креваат пред Европа... Ако вистина имаш 1000-2000 доброволци, моли ја српската влада да помогне, сметам почовечни се. Тогаш јас со чета ќе дојдам, а и другите чети ќе тргнат и сите заедно ќе удриме од север на Турчинот. Писмово мое не го давај никому, да не го најде црнокапецот Натанаил.

Покрај војводите, кои уште од почетокот ја воочиле пробугарската улога на комитетите Единство, народот, исто така, за кусо време ги разоткрил намерите и целите на странските офицери, руските и бугарските комитети, па одбил да ги храни, особено раководството. Некои внатрешни војводи ги повлекле своите чети. При таквата состојба, бугарските комитети го загубиле влијанието, а постоела можност и да се распаднат. Сите овие на кој и да било начин биле поврзани со убиството на војводата С. Карастоилов, односно А. Калмиков, Сретковиќ, Шулц и други, избегале од востаничкиот реон. Натанаил се зафатил да ја среди состојбата и повторно да го организира востанието. Под негово влијание, Димитар Поп Георгиев Беровски бил ослободен од затвор. На 1 декември 1878 година, Беровски пристигнал во с. Сушица во областа Каршијак. Во таа област, Атанас војводата се уште ја држел востаничката власт.


Врати се назад   Врати се горе
   НАРОДНА ВОЛЈА
“МАКЕДОНСКО МАЛЦИНСТВО НЯМА И НЕ МОЖЕ ДА ИМА“. ДОКОГА?!
Читај
„...НЕ МОЖЕХ ДА СИ ОБЯСНЯ ОМРАЗАТА ИМ КЪМ МЕН ЗАРАДИ ТОВА, ЧЕ СЪМ МАКЕДОНЕЦ“
Читај
КОИ СЕ ПОГОЛЕМИ КРЕТЕНИ: ПОЛИТИЧАРИТЕ ИЛИ ИСТОРИЧАРИТЕ?
Читај
ГОЦЕ ДЕЛЧЕВ ВО 1900: НЕ МОЖЕ ДА СЕ НАДЕВАМЕ НА ТУЃА ПОМОШ, ДА НЕ ЧЕКАМЕ ПОМОШ ОД БУГАРИЈА
Читај
АТАНАС ШОПОВ ЗА ПОЛОЖЕНИЕТО В МАКЕДОНИЯ
Читај


Дарение
ПРИЗНАТЕЛНОСТ
Редколегията на вестник “Народна воля” изказва най-искрена благодарност на г-н Владимир Ралев, бизнесмен от Швейцария, за отпуснатата парична помощ от 1000 швейцарски франка.
На семейството на г-н Ралев желаем здраве и късмет, а на него лично - и успех в бизнеса!
Също така горещо подкрепяме многобройните донаторски инициативи на нашия македонски патриот по света!
* * *
Също така редколегията сърдечно благодари на г-н Иван Петров и г-жа Стефка Петрова от Белгия, дарили на вестника 100 евро.
На тях и техните роднини желаем здраве и късмет, много успехи в живота!

Македонија пее
 
МАКЕДОНИЈА
Нека знае Европа
Нека чуе сиот свет

Како зрак од сонце
Како мирис од цвеќе
Ти си наш најубав цвет (2)

Македонијо ти си се што имаме
Ти си песна и радост
Сонце и младост
За тебе живееме
Македонијо ти си се што имаме
Ти си песна и радост
Сонце и младост
Вечно ќе те чуваме

Нека знае Европа
Нека чуе сиот свет

Колку љубов носиш
Колку даваш сила
Од тебе нема помила (2)

Македонијо ти си се што имаме
Ти си песна и радост
Сонце и младост
За тебе живееме (2)

Македонијо ти си се што имаме
Ти си песна и радост
Сонце и младост
Вечно ќе те чуваме (2)

Македонијо ти си се што имаме
Ти си песна и радост
Сонце и младост
За тебе живееме (2)

СЕ СОБРАА КОМИТИТЕ
Се собрале комитите (2)
ќе ми одат суво поле (2)
напред оди војводата (2)
војводата Јордан Пиперка. (2)

Ќе ми фаќат Мемет Изин (2)
ќе ми го чекаат Алил Паша (2)
што ја грабил руса Стојна (2)
руса Стојна од Мало Црско. (2)

Проговара војводата (2)
да слеземе долу Брезово (2)
да го венчаме Алил Паша (2)
за невеста остра сабја. (2)




ОМО ’Илинден’ - ПИРИН

Macedonian Human Rights Movement International

European Free Alliance

TJ-Hosting
НачалнаЗа насАрхивЗа врзакаЛинкове
© 2007-2019 Народна Волја - Всички права запазени.
This website is hosted and under development by: TJ-Hosting