Грција остро ги обвини државните и црковните лидери во Македонија за спрега во водење иредентистичка политика, која ја загрозува стабилноста на Балканот и ја оддалечува државата од ЕУ и од НАТО. Острата реакција на грчката влада, на политичарите, на црквата и на медиумите уследи по говорот на поглаварот на Македонската православна црква, архиепископот Стефан во Ватикан. На чествувањето по повод Денот на сесловенските просветители, во присуство на државната делегација, тој наведе дека Грција го негира постоењето на македонската нација и црква, а од МПЦ тврдат дека одделни делови од обраќањето се извадени од контекст. “Свети Кириле, денес во твојот и наш Солун е камен на камен од твоето дело! Денес во твојот роден град се е пепел и прав и нема ни буква, ни слово од јазикот твој и наш. Таму се прогонува се што е македонско и се негира и името на земјата и името на црквата, се негира - вистина”, беше пренесено дека рекол поглаварот Стефан на молебенот на гробот на сесловенскиот просветител св. Кирил во црквата Сан Клементе во Ватикан.
”Таквите иредентистички изјави се опасни за регионалната соработка и за стабилноста во кревкиот регион на Балканот”, нагласи шефицата на грчката дипломатија Дора Бакојани. Таа посочи дека речта на архиепископот Стефан, што ја кажал во присуство на премиерот Никола Груевски, била крајно провокативна и целосно неприфатлива и, пред се, ги докажала исправноста на грчките аргументи и ставови кои инсистираат на решавање на прашањето за името. “Сe додека тоа прашање остане нерешено, ќе служи како алатка и средство на застарен и историски неоснован иредентизам, кој е опасен за регионалната соработка и стабилноста на кревкиот балкански регион”, наведе Бакојани. Таа предупреди дека Македонија “не може да оди кон евроатлантска иднина сe додека е заробена во иредентистички ставови од минатото”.
На жестоките реакции од Атина со соопштение до јавноста реагираше кабинетот на архиепископот на МПЦ. Во него меѓу другото се вели: “Ниту некогаш, ниту сега, не може да се негира дека Солун е татковина на првото наше и сесловенско писмо, составено врз основа на говорот на тогашните тамошни жители. И токму затоа Солун духовно и културно ни припаѓа нам и на сите словенски народи во сите времиња. Оттаму сосем е поинаква пораката, изречена во словото на поглаварот на Македонската православна црква на молебенот на свети Кирил во Рим и таа исклучува какви било територијални претензии и е намерно злоупотребена со тоа што зборовите се грубо извадени од нивниот контекст”.
Во појаснувањето од МПЦ спорниот дел гласи: “Денес во твојот роден град сe е пепел и прав и нема слобода ни за книга, ни за буква, ни за слово од јазикот твој и наш. Во крајот во кој сите тогаш говореа како тебе и како ние денес, во ова наше време забрането е не само говорењето и молењето на тој јазик, туку и постоењето. Денес, за жал, таму однесувањето е полошо од она на тријазичниците во твое време. Светителе, денес е сe урнато од она што би потсетувало и на тебе и на нас, и во Солун, и во Кукуш, и во Лерин, и во Костур. Таму не само живите, туку и покојните немаат мир”. По цитирањето на овој дел, од МПЦ констатираат: “Колку би биле среќни да чуеме барем еден противаргумент, дека барем нешто од ова не е точно”.
Грчката црква во реакцијата преку солунскиот митрополит Антим наведе дека Грција никогаш нема да се согласи нејзиниот северен сосед да го украде и да го присвои името Македонија. Кон острата реакција се приклучија и градоначалникот на Солун и пратеници од разни партии, а коментари објавија и повеќето весници.