Успеси на македонската дипломатиа

ПОДРШКА ОД ЛУКСЕМБУРГ ЗА ВЛЕЗ НА МАКЕДОНИJА ВО НАТО И ЕУ

(По македонскиот печат)

Македонија ја има поддршката на Големото Војводство Луксембург за евроатлантските интеграции, потврдија по средбата на 23 октомври во Скопје министерот за надворешни работи и имиграција на Луксембург, Николас Шмит, и шефот на македонската дипломатија Антонио Милошоски.

„Задоволни сме што Луксембург принципиелно ја поддржува интеграцијата на Македонија во ЕУ и нашите аспирации за членство во НАТО. Кога зборуваме за НАТО членството го делиме заедничкото мислење дека членството на Македонија заедно со Албанија и Хрватска ќе значи додадена вредност на безбедносната архитектура во регионот и зголемување на капацитетот на НАТО во Југоисточна Европа“, рече Милошоски.
Тој во оваа прилика се заблагодари за донацијата од Луксембург за изградба и адаптација на визниот центар во рамките на Министерството за надворешни работи, кој е еден од предусловите за либерализација на визниот режим со ЕУ.
„Луксембург силно го поддржува членството на Македонија во структурите на НАТО, бидејќи смета оти тоа ќе даде силен сигнал на напорите што земјата ги прави за развој на демократијата и мултиетничкото општество, но тоа ќе биде сигнал и за регионот да продолжи со демократските и мирни процеси. ЕУ се надева дека, конечно, во регионот цврсто ќе се воспостави стабилноста, мирот и демократијата, бидејќи тоа е во интерес не само на самиот регион туку и на Унијата“, рече Шмит.
Што се однесува до ЕУ, тој посочи дека Македонија која има кандидатски статус има постигнато значаен напредок, но се потребни натамошни реформи, особено во делот на градењето на административните капацитети.

Според Шмит, финалниот статус на Косово е голем тест за Европа, поради што очекува таа брзо и на мирен начин да го реши, останувајќи обединета.