ЕВРОПА ЌЕ ТРЕБА ДА ИЗВРШИ ПОСИЛЕН ПРИТИСОК ВРЗ БУГАРИЈА ЗА РЕГИСТРАЦИЈАТА НА ОМО „ИЛИНДЕН“ - ПИРИН

МАКЕДОНЦИТЕ JА ПРОДОЛЖУВААТ БОРБАТА ЗА СВОИТЕ ПРАВА

JАН ПИРИНСКИ

КОМИТЕТОТ на министрите при Советот на Европа направи нов чекор кон регистрацијата на ОМО „Илинден“ - ПИРИН (решението на Комитетот може да се прочита на стр. 3). Но за жал не го изврши неопходниот притисок врз Бугарија за таа веднаш и без одоговлекување да ја исполни пресудата донесена во корист на партијата од страна на Европскиот суд за човекови права во Стразбург.

Дискриминацијата што полицијата и обвинителството во Бугарија ја извршија врз близу шестте илјади членови на партијата само по себе беше доволно силен аргумент кој требаше да ја поттикне Европа да ја примора Бугарија да ја регистрира партијата.
Овој развој на настаните е уште повеќе револтирачки, кога ќе се земе предвид, дека при разговорите меѓу претставниците на ПИРИН, на Комитетот на министрите и на бугарската влада во Стразбург, беше договорено Бугарија да не прави никакви пречки за регистрацијата на партијата. Наспроти тоа, Софискиот градски суд во своето решение собра куп причини и ја откажа регистрацијата на ОМО „Илинден“ - ПИРИН. Врховниот апелативен суд наместо да ја поправи арогантната постапка на Софискиот градски суд, без многу-многу да мисли, ја потврди неговата одлука. Европа виде колку безобѕирно лаже бугарската влада.
Откако и двете судски инстанци ја одбија молбата за регистрација и имајќи го предвид договореното меѓу трите страни – претставниците на комитетот, ОМО „Илинден“ - ПИРИН и бугарската влада во Стразбург, бевме во право да очекуваме дека измамениот Совет на Европа ќе преземе ригорозни и категорични решенија со кои ќе ја задолжи Бугарија без никакво одоговлекување и извинување да ја регистрира партијата. И тоа очекување беше уште повеќе логично затоа што прашањето за регистрацијата на ПИРИН беше едно од клучните прашања за дискусија и беше поставено за првиот ден од тридневниот состанок на Комитетот на министрите (15 – 17 октомври). Потоа беше специјално повлечено за последниот ден само и само да може Комитетот да ја добие пресудата од Врховниот апелативен суд. Меѓутоа одлуката не беше толку решителна колку што многумина се надеваа. На Република Бугарија и беше дадена уште една можност да докаже дека е демократска без за тоа да е потребен стап. Беше примено умерено решение според кое Бугарската влада во координација со Секретаријатот на Комитетот на министрите треба да ги проучи сите начини што стојат на располагање за регистрацијата на ОМО „Илинден“ - ПИРИН. Резултатите од оваа заедничка работа треба да бидат реферирани за време на февруарската или априлската сесија во 2008 г.
Во однос на прашањето за нарушување на правото за мирни собирања, побудено конкретно од настаните со забраната на соборот на ОМО „Илинден“ - ПИРИН, во Мелник во април годинава, исто беше донесено решение (види стр. 3) за кое повторно ќе се дискутира на седницата на Комитетот што ќе се одржи во декември 2007 г. Ако треба да резимираме со една реченица – направен е чекор напред, но не доволен. Да се надеваме дека следниот пат Комитетот на министрите ќе го заврши започнатото.
За нас Македонците е јасно дека управниците на Бугарија и во иднина ќе применуваат разни демагошки итринки и манипулации и ќе се стремат да ја одложуваат регистрацијата на партијата. Но ние, Македонците, нема да се помириме со состојбата бугарските влади да продолжуваат да не ги почитуваат нашите права и слободи, нема да се помириме и во иднина да се подигруваат со нашата национална самосвест и да си дозволуваат подигрување со нашите национални чувства. Се разбира, ние и во иднина ќе ја продолжиме борбата за справедливо решение и тоа само со демократски сретства.
За нас Македонците, сепак е јасно дека во резултат од нашата постојана и упорна борба во тие тешки 17 години на бесправност успеавме да го наметнеме неспорниот историски факт дека постоиме, и за нас е голем успех што стигнавме да ги поставиме дел од нашите проблеми во Советот на Европа и во Европскиот парламент, и со тоа го изнесовме нашиот проблем на меѓународно ниво и го претворивме во меѓународно прашање. А тоа е исклучителен успех со кој основано можеме да се гордееме.

КРАJНО време е Европа да разбере и да изјави, дека Бугарија е задолжена и треба без одоговлекување да ги признае правата на сите малцинства. Зошто, неспоиво е за една држава, која претендира дека е демократска и уште повеќе е членка на Европската унија да врши дискриминација и асимилација врз своите граѓани со небугарска свест.